„817 денари за 7-кратен шампион“: Enduro Team Vodno бара одговор од Министерството за спорт“

118

До редакцијата на СпортСпорт стигна соопштение од страна на Enduro Team Vodno во врска со доделените средства за спортски субвенции за 2026 година. Во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Enduro Team Vodno реагира на износите на субвенциите за 2026 година доделени на дел од членовите на клубот, оценувајќи дека тие отвораат сериозно прашање за критериумите според кои се вреднуваат спортските резултати.

Меѓу добитниците се и спортисти со значајни домашни и меѓународни резултати:

  • Антонио Дамјановски, 7-кратен шампион во мотокрос – 817 денари
  • Виктор Андреевски , Шампион во класата МX Junior-1.170 денари
  • Марко Поповски, еден од најмладите македонски возачи – 728 денари
  • Михаил Стојковски, шампион во Alpe Adria шампионатот – 1.082 денари
  • Ева Дамјановска, единственото девојче кое активно се натпреварува во овој спорт – 994 денари

Вкупниот износ за овие четворица спортисти изнесува 4.791 денари

Од клубот велат дека реакцијата не е насочена кон барање привилегии, туку кон барање транспарентни и јасни критериуми според кои се определуваат износите.

„Не бараме милост, ниту посебен третман. Бараме да знаеме како се вреднуваат титулите, меѓународните резултати, младите спортисти и вложениот труд. Кога 7-кратен шампион добива 817 денари, а шампион во меѓународен шампионат 1.082 денари, јавноста има право да праша според кои критериуми се донесени овие одлуки“, велат од Enduro Team Vodno.

Од клубот упатуваат директно прашање до Министерството за спорт и министерот Борко Ристовски:

„Кои се критериумите според кои се определени овие износи и како конкретно се вреднуваат спортските резултати на македонските мотокрос возачи?“

Според Enduro Team Vodno, зад секој спортски резултат стојат години тренинг, патувања, натпревари, сопствени вложувања, падови и ризик од повреди.

„Овие спортисти ќе продолжат да тренираат и да ја претставуваат Македонија. Но институциите кои се задолжени за развој и поддршка на спортот мора да дадат одговор како се вреднува трудот на спортистите кои постигнуваат резултати дома и надвор од земјата.“

Клубот потсетува дека Enduro Team Vodno во 2027 година одбележува 10 години постоење, период во кој неговите членови имаат освоено 15 клубски титули во мотокрос, ендуро и брзински дисциплини.

Од клубот очекуваат Министерството за спорт да ги објасни критериумите и начинот на кој се пресметани субвенциите.

„Не бараме ништо повеќе од фер и транспарентен однос кон спортистите.“

ENDURO TEAM VODNO

ПретходноМладеновска: Ова е добар почеток за нас, мора да веруваме во себе
Следно„Ќе биде тешко да не заплачеш“, рече Скалони за прошталниот натпревар на Меси