Индира Кастратовиќ – шампионска приказна што ја крена Македонија на нозе, а денеска е инспирација за младите

47

✍ Марија Ковачева

Индира Кастратовиќ е едно од најголемите имиња во женскиот спорт во Македонија. Зад себе има блескава кариера, исполнета со остварувања кои ден-денеска се далечни кога станува збор не само за ракометот, туку општо за женскиот спорт.

Беше дел од генерацијата на Кометал Ѓорче Петров која направи вистински бум во 2002 година и ја освои Лигата на шампиони. Индира беше дел од составот на македонската женска репрезентација која во 1997 година го освои историското седмо место на Светското првенство во Германија, а токму таа беше прв стрелец со 71 постигнат гол. Ракометарките беа првиот национален тим кој настапил на едно големо натпреварување.

Пред почетокот на првиот женски ракометен форум во Охрид, кој ќе се одржи утре во СЦ „Билјанини Извори“ разговаравме со Индира. Едно интервју или 10 прашања се премлку за да можеме да го доловиме сето она што го има отсварено. Колку нејзиното име значи во светот на ракометот говори и фактот дека таа е член на ЕХФ Куќата на славни, а денеска е координатор на сите женски ракометни репрезентации.

🤾‍♀️Индира, зад тебе е една навистина голема кариера и една од најубавите приказни во македонскиот женски спорт. Кога денес ќе се навратиш наназад, кој момент ти буди најмногу емоции?

„Тоа се, без сомнение, финалните средби од Лигата на шампионите против екипата на Ференцварош од Будимпешта во 2002 година. Долгогодишниот труд на сите членови на Кометал ЃП беше награден со прекрасна атмосфера пред реваншот во цела Македонија. Денот на натпреварот, енергијата во спортската сала „Кале“ и на плоштадот беа дополнителен мотив за сите нас да го дадеме максимумот и да го освоиме трофејот. Да бидеш победник и да бидеш на бина и да зборуваш пред дваесетилјадна публика е нешто што ќе го паметам целиот живот.“

🤾‍♀️Ти беше дел од генерацијата на Кометал Ѓорче Петров која го искачи европскиот врв и дел од македонската репрезентација која го освои историското седмо место, а ти беше прв стрелец. Што имаа тие тимови што можеби денес ни недостига?

„Во двата случаи се работеше за континуитет на работа, трпение, како и верба во тоа што го имавме зацртано како цел на нашите амбиции. И Кометал и репрезентацијата на Македонија имаа подеми и падови во годините пред најголемите успеси, и на клубски и на репрезентативен план. Олеснителна околност за остварување на тие амбиции, со неколку исклучоци, беше тоа што бевме конципирани како клуб-репрезентација.“

🤾‍♀️Кога ќе го споредиш женскиот ракомет од вашето време со овој денес, која е првата разлика што ти паѓа на памет?

„Ако зборуваме за ракометот на глобално ниво, разликата е, според мене, во создавањето на некаков вид автоматизација на тимската игра, со ниско ниво на индивидуална креативност. Исто така, високиот интензитет на ракометната игра денес е причина за голем број технички грешки на секој натпревар.“

🤾‍♀️Сите би сакале повторно да ги живееме оние денови кога македонскиот женски ракомет беше европска приказна. Што треба да промениме за повторно да стигнеме до тоа ниво?

„Прво што треба да се смени е нивото на финансиските вложувања во женскиот ракомет, во инфраструктурата на клубовите и квалитетот на стручниот кадар во најмалите генерации на клубско ниво. За создавање квалитет, исклучително значаен фактор е – време.“

🤾‍♀️Дали имаме доволно талентирани девојки за да создадеме таква генерација, или поголемиот проблем е во системот и начинот на кој работиме со нив?

„Талентирани девојчиња имаме во секоја ракометна средина. Нивниот ракометен развој зависи од нивната посветеност кон клубските тренинзи и натпревари. Со учество во системите на натпреварувања организирани од страна на РФМ, најталентираните од нив ќе бидат препознаени и селектирани во националните тимови. Без квалитетна работа во клубовите нема ни квалитетни национални репрезентации.

Секако дека еден од проблемите е и начинот на кој би требало да се работи со најмалите, а тоа значи дека е потребно следење на модерните тенденции во тренажниот процес на помалите категории.“

🤾‍♀️Ти си координатор на женските селекции. Која е твојата најголема цел во оваа улога?

„Позицијата која ја покривам во РФМ е од техничко значење. Мојата главна цел е да се обидам, заедно со раководството на федерацијата, да обезбедиме оптимални услови за секоја возрасна категорија кога се во прашање женските ракометни селекции. Со самото тоа, ќе бидеме во позиција да го кренеме квалитетот на сите репрезентативни селекции.

Интимно, посакувам континуирани учества на најголемите меѓународни турнири, како што се Европските и Светските првенства.“

🤾‍♀️Со доаѓањето на новиот селектор на женската репрезентација (Игор Марковиќ), што очекуваш да се промени? Во каков правец треба да оди репрезентацијата?

„Со доаѓањето на новиот тренер во новата средина доаѓаат и новите ракометни филозофии, начини на работа и подготовка на тимот. Сигурна сум дека во таа насока новиот селектор е подобра адреса од мене за одговор на ова прашање. Јас лично очекувам подобри игри и резултати на сениорките.“

🤾‍♀️Колку е важно младите ракометарки повторно да почнат да веруваат дека Македонија може да се носи со најдобрите европски репрезентации?

„Како што кажав претходно, исклучително е значајно да веруваш во тоа што го работиш. Младите ракометарки, особено оние талентираните, имаат можност, за разлика од други ракометни земји, побрзо да влезат во репрезентација и да играат на најголемите натпреварувања. Со верба во својот квалитет, напорна работа, посветеност и дисциплина, многу побргу ќе бидат во позиција да играат на рамноправно ниво со најдобрите.“

🤾‍♀️Ќе бидеш една од петте панелистки на првиот Женски ракометен форум, каде што ќе имате можност вашето искуство да го споделите со младите ракометарки. Што би сакале тие да понесат со себе од вашата приказна? И колку овој настан е значаен за сите ракометарки?

„Имам намера на овој Форум да ја споделам мојата ракометна приказна со другите. Намерата ми е, раскажувајќи ја сопствената кариера, да објаснам дека секој од нас е во можност од една ракометна провинција, со многу труд, жртва и посветеност, да стигне до најголемите ракометни височини.“

🤾‍♀️И за крај, ако денес пред тебе застане една млада девојка и те праша: „Индира, вреди ли да го изберам ракометот?“ Кој ќе биде твојот одговор?

„Мојот одговор е: секако дека вреди, ако си подготвена безрезервно да му се посветиш!“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноБарди и Елмас: Македонија има свој фудбалски идентитет, тоа го покажуваме секогаш на Арената
СледноПРЕКУ ЕДУКАЦИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА ДО ПОГОЛЕМА СВЕСНОСТ ЗА ОДГОВОРНОТО ИГРАЊЕ ИГРИ НА СРЕЌА