Марковиќ: Мора да бидеме реални дека во овој момент сме зад Црна Гора и Хрватска!

60

Македонската женска ракометна репрезентација го запиша првиот пораз на „Трофеј Македонија“. Избраничките на Игор Марковиќ беа совладани од Црна Гора со 23-29, па сега шансите за пехарот речиси и не постојат.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим го анализираше мечот, како и некои сегметни во играта.

„Им честитам на Црна Гора за фер и коректната игра, секако и за победата. Што се однесува до самиот натпревар, направивме доста грешки кои не смееме да ги правиме. Во првото полувреме не го исполнивме она што го договоривме, а згора на сè, примивме четири погодоци на празен гол. Промашивме голем број зицери, но вистина е дека сме краток период заедно, па во октомври ќе мора максимално да се посветиме на сите детали и да пробаме да бидеме подготвени за ноември“. 

Македонија против еден силен противник играше „седум на шест“, иако не беше допоадливо за очи, Марковиќ потенцира дека нема да се откаже од оваа игра. Кратко време се заедно, верува дека во октомври и пред стартот на ЕП ќе бидат во вистинско светло.

„Сигурен сум дека имаме потенцијал да играме „седум на шест“, а и самите ракометарки веруваат во тоа. Нема да се откажам од таа идеја. Мислам дека веќе во октомври ќе бидеме на подобро ниво и ќе имаме повеќе време да се посветиме на тоа, за да бидеме изненадување за Швајцарија“. 

Македонија денеска игра против Хрватска, Марковиќ нема да смета на комплетниот состав. Иако противникот е физички посилен, сепак овој натпревар мора максимално да го искористат за подготовка на вистинскиот предизвик.

„Хрватска е физички силен противник. Ние имаме доста повредени ракометарки, денеска морав да поштедам дел од нив. Сега се повреди и Ана Марија, така што ќе морам прво да го погледнам здравствениот билтен.

Можеме да играме. Овие мечеви мора да ги искористиме максимално, да учиме и заедно да растеме. Мора да бидеме реални дека во овој момент сме зад Црна Гора и Хрватска. Се надевам дека девојките ќе сфатат дека треба да уживаме на секој натпревар и да го даваме максимумот“. 

Натпреварот е закажан со почеток во 19 часот, влезот во салата „Билјанини извори“ е слободен.

ПретходноЗидан после дебито: Помина многу време, многу емоции…
СледноУнгарците и Украинците се степаа на крајот од натпреварот во Будимпешта (ВИДЕО)