
Андреа Лекиќ е едно од најпознатите ракометни имиња кое остави свој печат на европската и светската сцена, но и во Македонија, како член на ѕвездениот состав на ЖРК Вардар. Поранешната српска репрезентативка и денес, по завршувањето на својата кариера, продолжи да работи во ракометот.
Лекиќ е вистинска инспирација за младите ракометарки, а дел од своето искуство го пренесе и на Првиот женски ракометен форум, кој се одржа во Охрид, во организација на Ракометната федерација на Македонија.
Отворено зборуваше на многу теми, а откри дека поразот на ЖРК Вардар во финалето на Лигата на шампионите во 2018 година е еден од најтешките во нејзината кариера.
„Поминав пет прекрасни години во ЖРК Вардар. Жал ми е што не освоивме титула во Лигата на шампионите, а најболен ми е вториот пораз во финалето. Беше толку болно, две години по ред работите напорно, стигнувате до финале и останувате без титула во последните секунди… Искрено, две-три седмици потоа не ми се допираше топка, не ми беше до ништо, не контактирав со никого. Бевме толку сплотени, не само на теренот, туку и надвор од него. Дури и сега, по толку години, сè уште искрено жалам што не ни се исполни таа голема желба“, истакна Лекиќ.
Таа испрати силна порака до клубовите и федерациите, да им помогнат на ракометарките да се остварат како мајки, а да не ги условуваат. Во денешно време и натаму голем проблем за секоја спортистка е да направи пауза во кариерата поради мајчинство, а притоа да биде повторно добредојдена во клубот.
„Ако системот е составен од вистински луѓе, од клубовите до федерацијата, би било многу полесно за спортистките да се реализираат како мајки. Мора да им помогнат на девојките кои имаат желба да се остварат. За жал, многу девојки имаат клаузули во договорите во кои им е забрането да станат мајки, а на други пак им го раскинуваат договорот.“
Што се однесува до патот кон европскиот и светскиот врв, Лекиќ потенцираше дека дисплината е најважна.
„Сметам дека секоја спортистка треба да ја водат љубов и дисциплина. Мотивацијата не е константна, но мора да бидете дисциплинирани. Повредата на ахилова тетива за мене беше најтешкиот период, тогаш мислев дека трчањето ќе биде невозможно за мене. Но токму овој проблем, ме натера повторно да учам за себе. Нашиот спорт има подеми и падови, опкружете со позитивни луѓе, со луѓе на кои ќе им се доверувате во тешките моменти. Бев многу дисциплинирана, да не беше тоа немаше да успеам, љубовта кон спортот беше главна водилка“.










