Алармантна статистика: Само Македонија и Сан Марино немаа шут во рамки на голот!

97

Македонската фудбалска репрезентација продолжува да има сериозен проблем со реализацијата. Националниот тим веќе пет натпревари по ред не успева да постигне гол, а загрижува и фактот што офанзивната игра во овој период е на исклучително ниско ниво.

На последниот натпревар против Швајцарија, Македонија не упати ниту еден удар во рамките на противничкиот гол. Таков учинок, освен нашиот национален тим, имаше само Сан Марино, кое на дуелот против Финска загуби со 0-7.

Иако Швајцарија и во некомплетен состав има квалитет кој е над нашиот, сепак, начинот на кој изгледаше Македонија во нападот остава простор за сериозна загриженост. Репрезентацијата тешко создава шанси, а голот останува недостижен веќе подолг период.

Посебно загрижува фактот што откако Гоце Седлоски седна на селекторската позиција, Македонија сè уште нема постигнато гол. Проблемот, сепак, не е нов и започна уште во периодот кога селектор беше Благоја Милевски.

На последните девет натпревари Македонија постигна само два гола, додека пред тоа имаше убедлива победа од 5-0 против Лихтенштајн.

Нашата офанзива во последниот период успеваше да ја запре и Летонија, додека против Казахстан постигнавме само еден гол. Дел од овие резултати можат да се објаснат и со квалитетот на противниците, но бројките јасно покажуваат дека ефикасноста е еден од најголемите проблеми на репрезентацијата.

Следниот предизвик е Словенија, а Македонија ќе има нова шанса да стави крај на голгетерската суша која трае веќе пет натпревари.

ПретходноГРК Тиквеш со апел до своите навивачи пред дуелот со Вардар
СледноПоследните секунди од Супер-Купот, дали Куманово беше оштетен? (ВИДЕО)