Македонецот од Словенија: Имав 15 години кога на 13.10.1993 во Крањ бев на стадион! Тогаш за мене Панчев беше БОЖЕСТВО

0

Тренерот на Тиквеш, Оливер Богатинов е Македонец од Словенија. Роден е во Јасенице близу Крањ 1978 година, а сега со кавадарчани како тренер прави чуда во ПМФЛ во изминатата сезона. Неговиот Тиквеш го игра најатрактивниот фудбал во Македонија, долго ќе се памети онаа победа од 3:1 над Шкендија, тој спектакл.

Но, денеска во преден план е мечот Словенија – Македонија, за Тиквеш и Кавадарци во некоја друга прилика.

Богатинов како играч настапувал за неколку клубови од Словенија, а како тренер бил во Олимпија, Копер, Радомље, Горица и др.а во Марибор бил спортски директор.

“Како прво јас сум и Словенец и Македонец, имам два пасоши. Роден сум во Словенија, но со длабоки македонски корени“ вели на почеток во интервјуто за “СпортСпорт“, Богатинов.

“Знам дека ве интересира мојот коментар за вечерашниот меч, ама прво да кажам нешто друго, да се навратиме малку низ историјата“ посочи Богатинов.

И тој се наврати на 13 октомври 1993 година, на првиот меч на Македонија во нејзината фудбалска историја и тоа со Словенија во Крањ кога беше 1:4 за Македонија.

“Тогаш играв во младинците на Триглав Крањ, а бев дел и од младинските репрезентации на Словенија. Бев напаѓач и јасно беше дека морав да бидам на стадион на тој меч во Крањ. Искрено бев мал, не сфаќав што значи тој меч за Македонија, но на едно се сеќавам многу добро. Во текот на целиот меч гледав само во еден играч на теренот, во Дарко Панчев. И јас бев напаѓач па се обидував нешто да „украдам“ од Дарко, кој за мене тогаш најдобар напаѓач во светот, за мене тој беше БОЖЕСТВО. Секако дека бев задоволен од тој меч, бев пресреќен што во живо го гледав мојот идол. Инаку да кажам дека бев на стадион и во 2019 во Љубљана кога беше 1:1“ вели Богатинов кој е и доктор по фудбал.May be an image of football, soccer and text

За тоа за кој ќе навива вечерва, Богатинов низ смеа одговори “дипломатски“:

„Па, за кого да навивам? Реков дека имам два пасоши. Нека биде тоа добар натпревар, нека победи подобриот“.

Какви се шансите на Македонија да дојде добар резултат?

“Јас знам дека овдешната јавност е разочарана по тешкиот пораз од Швацарија. Искрено тоа беше лошо издание на Македонија. Сепак треба да се каже дека оваа Швајцарија според мене е меѓу ТОП 10 во светот. Едноставно пресилни се. Со Словенија ќе биде нешто друго. Очекувам подобро издание на Македонија вечерва. Македонија има потенцијал во средниот ред, пред се тука се Елмас, Барди, малиот Матеј Гаштаров. Сепак ќе треба време “коцките да се наместат“. На Седлоски како и на неговиот вечерашен ривал а некогашен соиграч од Динамо Загреб, Боштјан Цесар, ќе му треба време. И двајцата беа стопери па затоа вниманието им е во дефанзивата. Словенија има одличен голман во Облак, има добра одбрана ама има проблеми во нападот, посебно кога го нема Шешко“.May be an image of football, soccer and text

-Дали и Македонија и Словенија се во некаков си пад?

“Не би можел да кажам дека е така. Словенија го задржа “костурот“ од 2024 година кога под водство на Кек имаше одличен настап на ЕП во Германија. Гледам дека и Македонија има искусни играчи кои веќе една деценија се во репрезентацијата, значи треба малку време за да си дојдат работите на свое место. И Словенија и Македонија се уште се “бараат“ што би се рекло под водство на Цесар и Седлоски“.

-Кој е фаворит вечерва?

“Тоа е веројатно Словенија, како домаќин пред се. Ја има таа улога на мал фаворит, но никој не смее да ја потцени Македонија. Има Седлоски квалитет во неговата селекција. Секој резултат е во игра“.

На крај Богатинов кажа што мисли и за Лигата на Нациите…

„Сите ние сакаме нашата репрезентација да победува, горди сме и кога ќе победиме на пријателска. Сепак мора да сфатиме дека Лигата на Нации е нешто како подготовка пред она вистинското, пред квалификациите за ЕП 2028. Да не заборавиме дека ова натпреварување се воведе наместо да се играат пријателски. Да, убаво е и сега да победуваш, но не е трагедија ако губиш сега ама под еден услов. Ова да биде добра подготовка за тоа што следува, за она вистинското, за квалификациите“ заврши Богатинов.

ПретходноНепријатна сцена: Кога Новак ќе се налути!(ВИДЕО)