Пелистер има натптевар за заборав во Европската лига. Во првото коло од групната фаза македонскиот тим на домашен терен доживеа убедлив пораз од Ла Риоха од 24-31.
Битолскиот тим во ниту еден момент не беше рамноправен противник, а искусниот стратег Лино Червар е свесен дека ги разочараа сите, но и реален, бидејќи поача дека поразот е заслужен. Тој е изненаден од одредени поединци
„Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра.
Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани.
Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но важно е како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да прибегнам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме било каква шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде и поубедлив.
Мораше и требаше да одиграме многу подобро. Разочаравме. Се надевам дека ќе научиме од грешките, бидејќи понекогаш токму тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви изданија не смеат да ни се повторуваат“, изјави Червар.










