Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија до 21. година, Александар Таневски во опширна изјава го прокоментира собирот на репрезентативците кои што се одвива во моментов, сега веќе минатиот пријателски дуел против Русија, како и претстојниот квалификациски меч против Црна Гора кој што го играме во Битола, утре со почеток од 18:00 часот.
„Пред се, против Црна Гора, особено бидејќи тоа ќе биде мојот прв официјален натпревар како селектор на репрезметацијата, сакаме позитивен резултат и победа. Сакам да видам карактер и дисциплина, но и начинот на кој сакаме да играме во иднина“, вели Таневски па продолжува.
„Овие натпревари се важен дел од подготовката за следниот квалификациски циклус. Сакаме да им дадеме простор на играчите кои имаат потенцијал и да видиме кои можат да одговорат на барањата на ова ниво“, истакнува селекторот.
Русија ни даде патоказ каде да се движиме
Пријателскиот меч со Русија кој што го играме на комплексот Петар Милошевски во Скопје, даде добри сигнали околу тоа на каде треба да се движи новата генерација играчи.
„Натпреварот со Русија ни беше добар тест. Во првото полувреме имавме три одлични шанси, игравме компактно и со добра енергија. Иако го загубивме натпреварот со 3:2, добивме важни одговори и видовме дека имаме фудбалери на кои можеме да сметаме во иднина“, вели Таневски па поентира.
„Сега фокусот е целосно на Црна Гора. Сакаме со добра игра, карактер и позитивен резултат да го отвориме овој нов период, а паралелно да продолжиме да градиме екипа која ќе биде подготвена за следниот квалификациски циклус.“ – заврши нашиот У21 кормилар.










