Македонија не успеа да победи, само реми против Црна Гора

78

Македонската репрезентација до 21. година вечерва во Битола на стадионот Петар Милошевски во рамките од тековните квалификации, го одигра дуелот против Црна Гора. Истиот заврши 1:1, а ние не можеме да бидеме задоволни од освоениот бод. Пред се затоа што Црна Гора не е поквалитетен ривал од нас, затоа што игравме на домашен терен, затоа што немавме резултатски императив со оглед на фактот што шансите за нешто во оваа кампања одамна ги загубивме, и конечно, затоа што во составот се појавија некои нови момци кои што добија шанса, а истата требаше да биде искористена.

Наспроти тоа видовме лошо прво полувреме во кое што примивме гол, а потоа во продолжението се „вадевме“. Дојдовме до бод, но истиот има многу мало значење. Селекторот Александар Таневски го имаше своето деби, добро е што не е пораз, но не дека треба од ова реми да правиме сензација, напротив.

Црногорскиот состав во првиот дел од овој меч беше легитимно подобар противник. Тоа ривалот го валоризираше, по серијата на ситуации пред нашиор гол во 44. минута кога на луцидниот потег на Савовиќ, напаѓачот Костиќ го матираше  Џеков.

Тоа се случи во последните секунди од првиот дел, и време за наша реакција немаше.

Во второто полувреме, Македонија стартуваше со измена во која што влезе Масларов. Заигравме поофанзивно, одевме повеќе да нападнеме. Данев ја имаше ситуацијата во која што со одмерен удар ја погоди гредата од голот на Црна Гора.

Оправдано досуден пенал и израмнување 

Во 57. минута асистенцијата на Величковски, ја донесе топката до одличниот Ташовски, кој со глава си даде фор, и се позиционираше пред дирекниот чувар Дакиќ. Овој во немоќ се обиде да го сопре и со раце, нормално Ташовски почувствува контакт, падна и заработи пенал. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Љатифи.

По постигнатиот гол, Македонија не го направи оној дополнителен додатен удар кон противничкиот гол, за да можеме да дојдеме до полн плен. Единствената шанса ја имаше Аритон Мехмед во последните секунди кога со глава од идеална ситуација шутираше лошо и преку гол.

Македонија – Црна Гора 1:1 (0:1)

Стадион Петар Милошевски во Битола

Стелци: Љатифи 57 (М) Костиќ 44 (ЦГ)

Македонија: Џеков, Серафимов, Мурати, Мурати (Атанасовски 88), Велков, Ташовски (Мехмед 88), Николовски, Аризанковски, Данев (Трпевски 76), Величковски (Хоџа 88), Љатифи

Ц.Гора: Миниќ, Мараш, Дакиќ, Дамјановиќ, Вуковиќ, Мрваљевиќ, Вујовиќ, Влаховиќ, Костиќ, Савовиќ, Зековиќ

ПретходноРеал во УЕФА предаде купишта документи за случајот „Негреира“
СледноОфицијално: Меси е нов „газда“ на шпански Елденсе