Мулти Есенс и Младост 1977 Богданци одиграа интересен и крајно неизвесен натпревар, кој на крајот заврши без победник 21:21.
Иако двете екипи не се во горниот дел од табелата, нивниот меѓусебен дуел имаше вистински дерби-предзнак. Станува збор за директни конкуренти во борбата за подобра позиција пред продолжението на сезоната, па секој освоен бод има голема тежина.
И двата состави влегоа со дополнителен мотив по пропуштените шанси во претходните кола. Младост на домашен терен не успеа да го задржи водството против Прилеп, додека Мулти Есенс во Куманово испушти бодови во самиот финиш.
Во денешниот натпревар, пак, двете екипи имаа свои моменти. Младост подобро го отвори мечот и во првото полувреме стигна до највисоки четири гола предност (11:7). Сепак, гостите од Скопје успеаја да се вратат во игра и во вториот дел целосно да го преземат ритамот на натпреварот.

Мулти Есенс во еден момент имаше и три гола предност (19-16), а во 52. минута водеше со 21:19. Но, следуваше лоша завршница за скопскиот тим. До последниот свиреж не успеа да постигне гол, иако имаше неколку можности, вклучително и удар од седум метри, Трајкоски не успеа да реализира. Младост ја искористи ситуацијата, успеа да израмни, а потоа и да го одбрани последниот напад на гостите за конечни 21:21.
Давид Трајкоски со пет гола беше најдобар стрелец кај Мулти Есенс, додека Стефан Ѓорѓиевски постигна четири. Кај Младост 1977 Богданци, Владимир Бојаниќ беше прв стрелец на натпреварот со осум гола, а Даниел Андоновски постигна седум, вклучително и голот за конечниот резултат.
Пелистер 2 пак на домашен терен дојде до втората победа, откако славеше против Куманово со 36-30.










