Македонската фудбалска репрезентација има уште еден натпревар за заборав во Лигата на нации. Нашиот најдобар национален тим синоќа загуби со 0-2 на Арената „Тодор Проески“ и со тоа ја продолжи црната серија на натпревари без постигнат гол.
Заклучокот е еден – мора да се оди напред. Иако следен противник е Швајцарија, целта е едноставна – да се постигне гол и да се запише победа. Оваа порака ја пренесе Христијан Малески, кој е дел од нападот на Македонија.
„Среќен сум што добивам шанса и секогаш се трудам да дадам максимум за репрезентацијата. Ова беше тежок и тврд натпревар. Сега мора да ги кренеме главите и да одиграме машки во Швајцарија. Конечно треба да постигнеме гол и да почнеме да победуваме.
Шкотска е цврста репрезентација, а нивниот брз гол многу нè пресече. Сепак, верувам дека можеме да одиграме добар натпревар на гостински терен против Швајцарија и се надевам дека ќе успееме да победиме.
Не е лесно да си напаѓач на Македонија во овој момент, особено кога репрезентацијата нема постигнато гол толку долго. Но, верувам дека работите ќе се променат и дека наскоро ќе дојдат и головите“, изјави Христијан Малески.















