Три нови кошаркарски пресметки, Скопје и Битола во центарот на вниманието

62
Фото: КК Пелистер

Нови три интересни пресметки се на денешната програма од првото коло во кошаркарската Супер-лига. Во Струмица гостува Работнички, а дуелот е закажан со почеток во 17 часот.

„Очекувам интересна и неизвесна сезона со многу возбудливи натпревари. Секој меч ќе биде нов предизвик и мислам дека конкуренцијата ќе биде голема. Се надевам на фер-плеј, полни трибини и добра атмосфера, а ние ќе дадеме сè од себе да ја оправдаме довербата на нашите навивачи“, изјави Виктор Ефремовски, кој е капитен на Работнички.

Струмичани имаат за цел да обезбедат опстанок во елитата бидејќи имаат млад состав, но секако би сакале да приредат и по некое изненадување.

„Очекуваме квалитетна и неизвесна сезона. Освен МЗТ Скопје и Работнички, сметам дека останатите екипи се со доста изедначен квалитет и дека нијанси ќе одлучуваат за пласманот на табелата. За нас ова ќе биде големо искуство, особено за младите играчи, и сакаме од натпревар во натпревар да бидеме сè подобри“, вели капитенот Александар Шајкаров.

Во СЦ „Јане Сандански“ ќе се сретнат Скопје и Кожув, а мечот стартува во 18:30 часот.

„Амбициите за новата сезона се да бидеме во Топ 6 и од натпревар во натпревар да играме сè подобро и подобро. Нашето најголемо оружје ќе биде цврстата одбрана и брзиот напад. Очекувам да биде доста неизвесно првенство. Ќе одлучуваат нијанси за секоја позиција“, најави капитенот на Скопје, Марјан Младеновиќ.

Во редовите на Кожув на клупата е Миодраг Тодоровиќ, кој лани го водеше најпријатното изненадување – Маџари.

„Лигата, според мене, ќе биде многу изедначена. Некои клубови се засилија доста за разлика од лани. Некои можеби и не толку, ама оваа година, ми се чини дека може да биде најинтересно и најнеизвесно. Предноста на мојот тим годинава треба да ја прави физичката подготвеност. Победата е важна во секое коло, не само во првото. Но сепак, премиерното коло си носи своја тежина и важност. За нас ќе биде од огромно значење да извојуваме победа, да испратиме порака до навивачите дека на секој натпревар ќе одиме на победа.“

За крај на денот, во Битола, Пелистер ќе го пречека ТФТ, а мечот стартува во 19 часот.

ПретходноЛазовиќ: Секој спортист плаќа одредена цена…
СледноДе Ла Фуенте: Не сум задоволен, имаше период во кој се мачевме