Македонската кошарка оваа сезона бележи значително зголемено присуство на своите судии и официјални лица во европските клупски натпреварувања под капата на ФИБА.
Бројот на номинации во ФИБА Еврокупот за мажи и жени, како и во ФИБА Евролигата за жени, е значително поголем во однос на претходниот период, што претставува сериозно признание за квалитетот на македонските судии, делегати и комесари, но и потврда за насоката во која се развива Судиската организација при Кошаркарската федерација на Македонија.
Овој позитивен тренд доаѓа по посетата на челниците на секторот за официјални лица во ФИБА Европа на задолжителниот семинар организиран од Судиската организација.
Во рамките на посетата беа реализирани повеќе значајни средби и работни активности со претставниците на Судиската организација, предводена од нејзиниот претседател Алија Феревски, како и со претставниците на Кошаркарската федерација на Македонија, предводени од генералниот секретар Томче Стојчевски.
Разговорите беа насочени кон унапредување на судењето, развојот и едукацијата на македонските судии и официјални лица, нивното меѓународно позиционирање и создавање услови најквалитетните од нив да добиваат поголема можност да бидат дел од значајните европски натпреварувања. Само краток период потоа, конкретните номинации покажуваат дека ваквиот пристап веќе дава резултати.
СИЛНО МАКЕДОНСКО ПРИСУСТВО ВО ФИБА ЕВРОКУПОТ – МАЖИ
Во машкиот ФИБА Еврокуп, Петар Денковски доби две номинации како делегат. На 13 октомври ќе биде дел од натпреварот Генче – Колосос во Гања, Азербејџан, а еден ден подоцна ќе биде делегат на средбата Нефчи – ВЕФ Рига во Баку.
Три делегатски номинации има и Димитар Терзовски.
Утре вечер, на средбата Трепча-Промитеас, на 14 октомври на натпреварот Рилски Спортист – Есенлер Ерокспор во Самоков и на 21 октомври на дуелот помеѓу екипите на Трепча и Опава кој се игра во Митровица.
Владо Цветковски е одреден да биде делегат на натпреварот Ерокспор-Генче, кој се игра на 7. октомбри во Истанбул.
Три ФИБА номинации и за Зоран Митровски во оваа конкуренција.
Првата на 7 октомври, во Призрен, на која заедно во друштво на уште еден македонски судија со беџот на ФИБА, Алија Феревски, ќе ја судат средбата Башкими-Валмиера.
На 14 октомври, Митровски ќе биде дел од судиите на натпреварот Лајонс – Бакен Беарс во Женева а на 20 октомври на дуелот Остенде – Динамо Букурешт во Белгија. Номинација доби и Игор Митровски, кој на 21 октомври ќе биде дел од официјалните лица на натпреварот Биотекно Кортез Баскет – Манчестер во Коџаели, Турција.
БРОЈНИ НОМИНАЦИИ И ВО ФИБА ЕВРОКУПОТ – ЖЕНИ
Македонското присуство е особено изразено и во женскиот ФИБА Еврокуп.
Зоран Митровски на 15 октомври ќе биде дел од судиската тројка на натпреварот Фрибург – Аутошпед.
Претседателот на Судиската организација, Алија Феревски, има две номинации – на 15 октомври на натпреварот Мерсин – Шлеза Вроцлав и на 22 октомври на средбата Рутроник Келтерн – Острава во Германија.
Иван Мијалковски има две делегирања – на 14 октомври на натпреварот Олимпијакос – Ферол и на 22 октомври на средбата Студент – Бенфика во Ниш. На натпреварот во Ниш, како комесар ќе биде ангажиран и Петар Денковски.
Номинации добија и Андреј Златевски, за натпреварот Панатинаикос – Алба Берлин на 14 октомври, како и Ема Никочевиќ, која на 21 октомври ќе биде ангажирана на средбата Пансераикос – Монпеље во Серез, Грција.
МАКЕДОНСКО ПРИСУСТВО И ВО ФИБА ЕВРОЛИГАТА
Особено значајно е што македонските официјални лица се присутни и во највисокото европско клупско натпреварување под капата на ФИБА.
Владо Цветковски е номиниран како делегат на натпреварот Емлак Спор – УМСЦ Љублин, кој на 14 октомври ќе се одигра во Истанбул.
ДОВЕРБАТА СЕ ГРАДИ – НО И СЕ ЗАСЛУЖУВА
За Кошаркарската федерација на Македонија, зголемениот број меѓународни номинации не претставува само статистички податок. Тој е признание за луѓето кои со години работат во судиската организација, но истовремено и обврска да продолжиме со уште посериозна едукација, професионализација и создавање нова генерација квалитетни судии и официјални лица.
Посетата на раководните луѓе од секторот за официјални лица при ФИБА Европа, непосредните разговори со раководството на Судиската организација и Федерацијата и активната комуникација со ФИБА Европа покажуваат дека директната и професионална институционална соработка може да донесе конкретни резултати.
Нашата определба е јасна – македонските судии и официјални лица кои со својот квалитет го заслужуваат тоа, да добијат можност да се докажуваат на највисоко европско ниво.
Големиот број номинации оваа сезона е признание, но и мотив повеќе да продолжиме во истата насока.
Кошаркарската федерација на Македонија ќе продолжи активно да инвестира во развојот на судиската организација, во едукацијата и меѓународната афирмација на нашите официјални лица, со цел македонската кошарка да има сè посилно и попрепознатливо присуство на европската сцена.










