Капитенот на Хрватска, Лука Модриќ, против Шпанија го одигра својот 206. натпревар за националниот тим и уште повеќе се доближи до Лионел Меси на вечната листа на фудбалери со најмногу репрезентативни настапи.
Модриќ во поразот од 2:1 во Сплит играше до 66. минута, кога беше заменет со Петар Сучиќ. На врвот на оваа листа е Кристијано Роналдо со 234 настапи за Португалија, додека пред Модриќ сега е само Меси, кој за Аргентина одиграл 207 натпревари. Следуваат Бадер Ал-Мутава од Кувајт со 202 и Сох Чин Ан од Малезија со 195 настапи.
По натпреварот, Модриќ го коментираше и исклучувањето на Иван Перишиќ, но имаше забелешки и за ВАР-технологијата.
„Што да коментирам? Кукуреља се постави. Не знам ни што се случува со овој нов ВАР… Да останевме бројчано израмнети, сигурно немаше да загубиме“, смета Модриќ.
На прашањето за конфликтот со шпанскиот фудбалер, капитенот на Хрватска кратко одговори:
„Подобро да не кажувам што му реков на Кукуреља.“
Модриќ откри и дека по натпреварот имал долг разговор со тренерот на Хајдук, Гарсија.
„Го следам тоа што го работи во Хајдук, но не му давав совети за Динамо бидејќи јас сум динамовец. Ми беше драго што го запознав, долго разговаравме. Работи одлична работа во Хајдук, тоа морам да го кажам“, рече Модриќ.
И покрај поразот, хрватскиот капитен смета дека неговата репрезентација одиграла многу подобар натпревар во споредба со дуелот против Англија.
„Сите се согласуваме дека беше многу подобро отколку против Англија. Резултатот не ни одеше во прилог, а заслуживме барем нерешено. Да постигнеше Матановиќ за 2:0… Но, имавме сè што немавме против Англија. Шпанија казнува и од полушанси. Сепак, можеме да бидеме задоволни од пристапот и заедништвото. Одиме понатаму, ова е веќе подобро чувство“, изјави Модриќ.
Капитенот пренесе и дека селекторот по поразот бил позитивен и дека во соблекувалната имало отворен разговор меѓу фудбалерите.
„Не можеме да останеме во негатива и постојано да се прашуваме зошто и како. Не можеме да бидеме задоволни од резултатот, но ваквите екипи казнуваат сè. Имаме добра иднина, но само ако има борбеност, трчање, агресивност и заедништво.
Не сме во комфорна зона. Не знам што ни се случи против Англија. Кога сме такви, тие нè разбија. Имаше и вирус, но тоа не се изговори. Такво нешто повеќе никогаш не смее да се повтори“, порача Модриќ.










