УЕФА жестоко ја казни Србија!

252

Фудбалскиот сојуз на Србија доби нова дисциплинска казна од Европската фудбалска унија (УЕФА) поради инцидентите на натпреварите од Лигата на нации.

Вкупниот износ на казните за три натпревари достигна 129.500 евра, а репрезентацијата на Србија следниот домашен дуел против Германија ќе го игра пред ограничен број гледачи.

Најголемо внимание привлече инцидентот на натпреварот меѓу Србија и Холандија во Белград, кога група деца на северната трибина на стадионот „Рајко Митиќ“ истакнаа транспарент посветен на Ратко Младиќ и го скандираа неговото име. Младиќ е правосилно осуден за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и други воени злосторства.

УЕФА ги разгледуваше инцидентите од натпреварите против Грција, одигран на 24 септември, и Холандија, кој беше на програмата на 27 септември во Белград.

Дисциплинската постапка резултираше со низа парични казни, но и со санкција која директно ќе влијае врз атмосферата на следниот домашен натпревар на српската репрезентација.

Поради расистичко и дискриминаторско однесување на навивачите, Фудбалскиот сојуз на Србија е казнет со 50.000 евра.

Покрај паричната казна, изречена е и забрана за присуство на публика на еден домашен натпревар, што значи дека дуелот со Германија ќе се одигра под посебни услови.

Дополнителни 22.500 евра се одредени поради пораки што УЕФА ги смета за неприфатливи на спортските настани. Употребата на пиротехнички средства го чинеше Сојузот уште 2.000 евра, додека за влегување на гледачите на теренот е изречена казна од 15.000 евра.

Санкциите се однесуваат и на гостувањето на Србија во Холандија, одиграно на 4 октомври во Ајндховен. Поради случувањата на тој натпревар, српскиот сојуз нема да може да продава билети за своите навивачи за следниот гостински натпревар на репрезентацијата.

УЕФА за тој натпревар изрече и казна од 20.000 евра, а дополнителни 20.000 евра се одредени поради истакнување политичка порака.

Кога ќе се соберат сите износи, вкупната сметка за трите натпревари достигнува дури 129.500 евра.

ПретходноКристијано Роналдо е сè поблиску до историја!
СледноЛудница во Дортмунд: Ништо, ништо, па четири гола во финишот и шок за домаќините!