Младиот македонски боксер Арабел Рустемовски обезбеди најмалку бронзен медал на Европското првенство за боксери до 17 години, кое се одржува во Будва, Црна Гора. Рустемовски во четвртфиналето во категоријата до 60 килограми го совлада Италијанецот Цезаре Спацијани со 4:1, со што се пласираше меѓу четирите најдобри боксери во категоријата.
Ова беше втора победа за Рустемовски на шампионатот, откако во првото коло убедливо го совлада Белорусинот Јараслау Слијапец со 5:0. Во полуфиналето денеска, Рустемовски ќе се соочи со Англичанецот Чарли Кит, а со евентуална победа ќе обезбеди пласман во финалето и можност да се бори за златниот медал.










