Фешта на Чаир – Шкендија VS Шкендија!

125
ФОТО: Шкендија Арачиново/ФБ

Ете, дојде и тој ден. Денеска од 13 часот на стадионот на Чаир, во меч од 9.коло, за првпат дуел во ПМФЛ меѓу двете Шкендии. Овие две екипи во минатото имаат играно во Купот на Македонија и во Втора лига, а денеска за првпат ќе играат натпревар во елитата.

Исто така денеска за првпат во историјата на ПМФЛ ќе играат меѓусебе две екипи кои носат исто име – Шкендија од Арачиново и Шкендија од Тетово. Досега ова се нема случено во ПМФЛ. Имаме ние и Вардар (Скопје) и Вардар (Неготино), како и Брегалница (Штип) и Брегалница (Делчево), но тие не играле меѓусебе во ПМФЛ во самостојна Македонија. Секако дека не ги сметаме Скопје и Шкупи.

Рано попладнево тоа ќе биде фешта на Чаир. Две навивачки групи, две и тоа како квалитетни екипи. Гостите се лидери и таму сакаат да останат, а Шкендија Арачиново е тимот кој е најпријатното изненадување во досегашниот дел од сезоната. Оваа екипа собра 13 бодови и е веднаш зад “големите“ на 4.место. Сепак треба да се каже дека Шкендија Арачиново во изминатиот дел од сезоната нема “голем скалп“. Пораз од Струга Т и Вардар, реми со Силекс. Во случај на победа над најсилниот тим во Македонија во моментов, тоа секако дека ќе биде историски ден за тимот од Арачиново.

Во пресрет на денешниот меч, Арбин Зејнулаи, еден од капитените на Шкендија (Т), истакна дека се оди на победа и три бода:
„Целта на самиот клуб, нашата цел, нè принудува да бараме победа на секој натпревар, да бидеме задоволни само со три бода на секој натпревар. Ние го анализиравме противникот и единственото нешто што треба да го направиме е да веруваме во задачите што ни ги дава стручниот штаб и истите во целост да ги исполниме. Верувам дека на крајот нема да имаме никакви проблеми и се надевам дека трите бода ќе бидат наши.“

Тренерот Артим Положани ќе може да смета на сиот свој играчки потенцијал освен на Мевљан Мурати.

Натпреварот ќе го суди еден од нашите најдобри делители на правдата, Јован Качевски.

ПретходноВинисиус се извини и сподели контроверзна објава на Инстаграм: „Каква штета“
СледноИбрахимовиќ во свој стил за хаосот на „Бернабеу“: Она што го направи…