Мозес Рајт пристигна директно од авион во салата „Лазар Лечиќ“, за да им се приклучи на своите репрезентативни колеги во обидот Македонија да стигне до нова победа во претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Вечерва (18 часот), нашиот национален тим ја пречекува селекцијата на Кипар, со директен пренос на МРТ 1.
За центарот на Олимпија Милано ова ќе биде посебен момент. За првпат ќе настапи во дресот на македонската репрезентација пред домашната публика во Скопје, што му носи дополнителен мотив.
„Навистина сум возбуден затоа што ова ќе биде првпат да играм во дресот на националниот тим пред домашната публика, овде во Скопје.
Кипар е добра репрезентација, која летово, во подготвителниот период, играше доста добро против силна селекција каква што е Грција. Победија и против Австрија, што покажува дека станува збор за квалитетен противник. Верувам дека ќе биде добар натпревар, но искрено верувам дека ние ќе бидеме подобри и дека ќе победиме“, вели Рајт.
Посебна приказна за американскиот центар ќе биде и атмосферата во салата „Лазар Лечиќ“, за која веќе слушнал од своите соиграчи.
„Да, соиграчите веќе ми најавија дека овде сепак сè е малку поинаку. Ми кажаа дека присуството на домашните навивачи носи дополнителна енергија и дека на противниците им е тешко да играат во оваа сала, која има голема историја“, додава Рајт.
По одличниот настап во дресот на Олимпија Милано, во последниот евролигашки дуел на гостувањето кај Асвел, Рајт уверува дека е подготвен и за новиот предизвик со националниот тим.
„Да, се чувствувам навистина добро, можеби сум малку заморен од големиот број обврски и патувања. Но, тука сум, подготвен сум, како и секогаш, да го дадам максимумот од своите можности и да помогнам во создавањето нови убави моменти со националниот тим на Македонија“.
Со Рајт како дополнителна сила во рекетот и со поддршката од трибините, Македонија вечерва ќе го бара патот до нов триумф.










