Вардар оди по реванш во Плоцк, Чупиќ порача: Мораме да бидеме подобри за да стигнеме до првите бодови!

65

Вардар во среда од 20:45 часот му гостува на тимот на Висла Плоцк во четвртото коло од ЕХФ Лигата на шампионите.

Иван Чупиќ очекува напредок во двата правци во пресметката со полскиот тим, против кого актуелниот македонски првак пред шест дена запиша пораз од 32-26 на домашен терен.

Вардар во Плоцк замина да одигра подобар натпревар и да се избори за првите бодови во Лигата на шампионите.

Тренерот Иван Чупиќ очекува неговите ракометари да ги поправат грешките од првиот дуел со Висла и со поголема самодоверба да влезат во новата пресметка.

„Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит кога ќе играме на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот.

Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар. Сакаме повторно да се претставиме во позитивно светло во Лигата на шампионите. Во преостанатите три натпревари, исто како и во првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за нашите први бодови и првата победа. Сакаме и понатаму да имаме за што да играме и да продолжиме да напредуваме“, изјави Чупиќ пред мечот. 

ПретходноПобеда на фудбалерките до 19 години на гостувањето во Косово
СледноСРЕЌНИ ВЛТ ВЕСТИ: Д.Н. од Скопје освои СУПЕР МИЛИОНЕР вреден 6.367.443 денари