Раде Цицмиловиќ е добро познато име во македонскиот фудбал, со тренерско искуство во Беласица, Тиквеш и Воска.
Со Беласица соработуваше во три наврати, а најголемиот успех го оствари во сезоната 2017/18, кога со 18 победи, пет нерешени средби и само два пораза ја освои титулата во Втората македонска лига – Исток и обезбеди пласман во Првата лига.
Првиот ангажман во струмичкиот клуб го имаше во летото 2016 година, кога ја предводеше екипата до есенската титула во Третата лига – Исток. Во јануари 2019 година повторно се врати во Беласица, која ја предводеше во пролетниот дел од сезоната во Првата лига, заедно со Ѓоко Хаџиевски.
Во ноември 2019 година го презеде Тиквеш, каде што остана до ноември 2020 година, додека во јули 2021 година беше назначен за тренер на Воска од Охрид. Со охридскиот тим избори настап во баражот за пласман во Првата лига во мај 2022 година, токму против Тиквеш.
„Му посакуваме топло добредојде, многу среќа и успеси во нашиот тим“, порачаа од Беласица.










