Деспотовски: Суперкупот е само почеток, одбраната на шампионската титула е крајна цел

28
facebook

Одбојкарките на Работнички со нови амбиции влегуваат во стартот на новата сезона, подготвени да ги потврдат своите квалитети и да се наметнат како сериозен конкурент во домашното првенство.

По подготовките и направените анализи, тимот веќе ја почна сезоната со трофеј, освојувајќи го Суперкупот во Тетово, но избраничките на тренерот Душко Деспотовски остануваат фокусирани на првите предизвици од новата сезона.

„Во новата сезона влегуваме со јасни амбиции – да ја одбраниме шампионската титула и да бидеме во борба за трофеите. Работнички има обврска секогаш да се стреми кон врвот, но свесни сме дека секој успех треба повторно да се заслужи на терен, со работа, дисциплина и континуитет во играта. Оваа сезона имаме значителни промени во составот. Четири одбојкарки од минатогодишната шампионска екипа повеќе не се со нас, а нивните места ги надополнивме со две искусни домашни засилувања и со млади, перспективни одбојкарки. Пред нас е задача да ја изградиме потребната кохезија во тимот и да го извлечеме најдоброто од секоја од нив. Верувам дека спојот на искуството и младоста може да ни донесе квалитет, а особено ми е важно младите одбојкарки да добијат простор да напредуваат и да преземаат одговорност“, вели Деспотовски.

Предводникот на шампионките не заборава и на претстојните обврски во европските купови.

„Паралелно со почетокот на домашното првенство, се подготвуваме и за настапот во ЦЕВ Челинџ купот, каде што нè очекува двомеч со грчкиот ЗАОН Кифисија. Европскиот настап е дополнителен предизвик и мотив за нашата екипа. Сакаме подготвени да го дочекаме овој дуел, да го покажеме нашиот квалитет и достојно да ги претставиме клубот и македонската одбојка. Освојувањето на Суперкупот е убав почеток и дополнителен мотив за сите нас. Сепак, сезоната е долга и ќе бара постојано докажување. Ги почитуваме сите противници и на секој натпревар ќе пристапиме максимално сериозно. Првата страница ја напишавме успешно, а сега треба со секој следен натпревар да работиме за крајот на приказната да биде уште поубав.“

ПретходноВујо нема да го води Катар на СП во Германија
СледноГаштаров со асистенција за израмнување во Лугано (ВИДЕО)