Ѓорческа со пресврт до победа на стартот на ИТФ турнирот во Истанбул

31

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успешно ја мина првата пречка на ИТФ W50 Истанбул турнирот со победата над третата носителка и домашна тенисерка Берфу Ченгиз. Taa постигна победа од 2-1 во сетови (36 76(1) 64) за 2 часа и 2 минути игра.

На стартот од мечот Ѓорческа беше во негатива и го загуби првиот сет со 6:3 во гемови откако ривалката имаше водство во сетот и со 5:1. Во вториот сет двете тенисерки имаа по два брејка, но Ѓорческа не и дозволи на противничката шанса да го освои сетот и тајбрејкот го доби на убедлив начина со 7:1 на поени.

Во решавачкиот сет, македонската тенисерка направи нов пресврт. Ченгиз поведе со 3:0 во гемови, но брзо беше изедначен резултатот на 3:3, а по 4:4 во гемови Ѓорческа ги освои сите осум поени до крајот на мечот (не загуби ниту еден) и направи брејк во деветтиот гем и сетот го доби со 6:4.

Ова беше втора победа за македонската тенисерка во третиот меѓусебен меч.

Во следното коло македонската тенисерка ќе игра против Ралука Шербан од Кипар, која денеска победи против Екатерина Тупицина со 2-0 во сетови (63 64). Ова ќе биде нивни осми меѓусебен меч, а скорот е 4:3 во победи за Ѓорческа.

Турнирот во Истанбул се игра за награден фонд од 40.000 американски долари.

ПретходноВардар го закажа дербито со Пелистер и ги пушти во продажба билетите!(ФОТО)
СледноНеверојатно: Манчестер Јунајтед и натаму со Карик на клупата!