Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва го играат можеби најважниот натпревар во ФИБА Европа купот, во кој ќе се обидат да ги задржат шансите за пласман во следната фаза. Во салата „Јане Сандански“, македонскиот шампион ќе го пречека кипарскиот АЕК Ларнака, во дуел од четвртото коло во групата Е.
„Металците“ се под сериозен притисок, откако ги загубија првите три натпревари во групната фаза. Таквиот биланс не му остава многу простор за нов кикс на тимот на Васко Атанасов. Победата против АЕК Ларнака е од големо значење за „штрковите“, кои мора да ја искористат предноста на домашниот терен и да покажат поголема сигурност во клучните моменти.
Досегашните натпревари покажаа дека МЗТ има потенцијал да игра рамноправно со противниците, но недостигот од концентрација во завршниците и осцилациите во играта скапо го чинеа македонскиот првак.
Натпреварот против АЕК Ларнака започнува во 19 часот, во СЦ „Јане Сандански“.









