Вардар денеска го игра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампиони. После големата победа против Нант на гостински терен, македонскиот првак пред своите фанови го пречекува Мелсунген, кој токму на жешкиот терен во СЦ „Јане Сандански“ ќе ја бара визата за место во главната рунда.
На клупата на бундес-лигашот е еден од двајцата шпански стратези кои на Вардар му ја донесоа втората титулата во Лигата на шампиони. Роберто Гарсија Парондо добро знае што значи да се игра пред полни трибини во Скопје, пред дуелот потенцира дека мора да ја задржат ладнокрвноста за да успеат да дојдат до целиот плен.
„Сакаме да го направиме последниот чекор во Скопје. На натпреварот против Вардар му пристапуваме со почит, но и со свесноста дека нашата судбина е во наши раце кога станува збор за пласман во главната фаза. Пред сè, мора да ја задржиме ладнокрвноста во атмосфера која ќе биде вжештена“, изјави Парондо.
Натпреварот помеѓу Вардар и Мелсунген е закажан со почеток во 18:45 часот.










