Во машка битка во пет сета, одбојкарите на македонскиот шампион Штип УГД загубија од Орион Стартс со 2:3, но достојно се преставија во своето дебитантско појавување во Лигата на шампионите на ЦЕВ. Момците на Кристиан Ристески одиграа натпревар за паметење пред штипската публика, откако во два наврати водеа против силниот холандски состав, но очигледно немаа доволно гориво за сензација, по оној убедлив пораз на првиот меч на гости.
Штип УГД го доби првиот сет со 25:23 против Орион Старс, по израмнета и неизвесна борба во која холандскиот тим имаше минимална предност на вториот технички тајмаут (16:15). Штипјани потоа ја презедоа контролата и во завршницата успеаја да го скршат отпорот на гостите. Александар Љафтов беше најефикасен кај домашните во првиот сет со шест поени, додека УГД Штип имаше предност во нападот, со 12 директни поени наспроти 11 на противникот.
Во вториот сет, УГД Штип загуби со 20:25 од Орион Старс, па холандскиот тим израмни на 1:1 во сетови. Гостите подобро го отворија сетот и поведоа со 8:7, а на вториот технички тајмаут веќе имаа предност од 16:12. Штипјани се обидоа да се вратат во игра, но Орион ја задржа контролата и со сигурна завршница го освои сетот.
Во третиот сет Штипјани повторно одлични. Предводени од Стојан Илиев и Александар Љафтов успеаја умешно да го привршат сетот во своја полза и со 25:21 да дојдат до нова предност, овој пат од 2:1 во сетови.
Сепак, четвртиот сет донесе голем пад во играта на нашиот првак. Холандскиот состав тоа го искористи и со убедлива предност дојде до ново израмнување, овој пат освојувајќи го сетот со убедливи 10:25.
Во петтиот решавачки сет холандскиот состав почна многу подобро, направи сериозно поен-разлика, па во финишот нашиот првак се мачеше да ја достигне негативата. Со многу напор Штип УГД покажа дека не е залутан во европската клупска елита иако за овој тим ова беше вистинско огнено крштевање во најсилното европско натпреварување. Ориот Старс го доби сетот со 10:15 за конечни 2:3.
Александар Љафтов беше најефикасен во редовите на Штип УГД со 17 поени, а Стојан Илиев имаше 15. Кај гостите најдобар беше Вутер тер Мат со 22 поени.










