Вардар ја заврши својата мисија во Лигата на шампионите, но продолжува со натпреварите на меѓународната сцена. Како последнопласиран во својата група, ќе игра во Европската лига.
Иван Чупиќ и неговите момци мора што поскоро да се рехабилитираат од тешкиот натпревар против Мелсунген и целосно да се свртат кон домашната сцена. Таму ги очекува пресметка со Пелистер на домашен терен, прва оваа сезона.
Вардар е единствениот тим со перфектен скор, осум победи во исто толку одиграни натпревари, а Чупиќ најави дека неговите момци мора да одиграат подобро отколку на последниот дуел во Лигата на шампионите.
„Играме големо дерби. Им кажав на момците дека фаворитската улога е наша и така треба да се поставиме во недела. Како екипа која игра во Лигата на шампионите, но и како тим кој има најдобар ростер во Суперлигата и игра пред своите фанови, мора да ја преземе фаворитската улога. Вака се поставивме против Охрид, вака мора да се поставиме и против Пелистер. Сите знаеме дека мора да победиме. Пелистер игра специфичен ракомет, па затоа моите играчи мора да одиграат на повисоко ниво“, изјави Чупиќ на прес-конференцијата.
Натпреварот меѓу Вардар и Пелистер е закажан за во 17:45 часот.










