Ракометното дерби меѓу Вардар и Е. Пелистер во недела ќе добие посебна навивачка атмосфера. Од таборот на „црвено-црните“ најавија заедничка кореографија со навивачката група „Комити Запад“, во која ќе учествуваат сите вардарови навивачи присутни во салата.
Од Вардар ги повикаа илјадниците приврзаници кои ќе бидат на трибините во СЦ „Јане Сандански“ да ги заземат своите места најдоцна 15 минути пред почетокот на натпреварот.
Воедно, клубот упати апел до навивачите да не ги преместуваат и да не ги креваат предметите поставени на нивните столчиња, бидејќи тие се дел од кореографијата. Сè треба да остане на своето место сè додека лицата задолжени за координација не дадат знак за почеток.
Целта е заеднички да се создаде препознатлив, пеколен амбиент и од трибините да се испрати силна поддршка за ракометарите на Вардар во едно од најважните дербија во македонскиот ракомет.
Натпреварот Вардар – Еурофарм Пелистер ќе се одигра в недела, на 1 ноември, со почеток во 17:45 часот, во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.










