„Ел Класико“, прв дел: Вардар е во сериозен налет, Пелистер доаѓа по скалпот на првакот!

43

Денеска сите патишта водат кон СЦ „Јане Сандански“, каде што ќе се одигра првото македонско ракометно „Ел Класико“ меѓу Вардар и Пелистер. Натпреварот е закажан со почеток во 17:45 часот.

Салата е распродадена, па се очекува вистински празник на спортот. За тоа треба да се погрижат ракометарите на двете екипи, но и навивачките групи, кои се очекува да создадат вистинска атмосфера, секако без инциденти, за уживањето да биде комплетно.

За разлика од минатата сезона, двата тима сега имаат поинакви улоги. Вардар е бранител на титулата, додека Пелистер е вицешампион.

Избраниците на Иван Чупиќ влегуваат во пресметката со вечниот ривал со осум последователни победи. Тие се единствената екипа во Супер-лигата со максимален учинок. Вардар и во Лигата на шампионите, поточно на последните два натпревари, покажа сила и карактер, нешто што се очекува да го демонстрира и против Пелистер, барем според најавите од таборот на „црвено-црните“.

На другата страна, Пелистер оваа сезона го има Лино Червар на клупата. Искусниот стратег дојде со задача да го промени сето она што во минатото не функционираше, да создаде систем и да го извлече максимумот од потенцијалот со кој располага битолскиот тим.

Пелистер одигра неизвесен натпревар со Охрид, во кој беше на работ на пораз, додека Вардар, за разлика од него, против истиот противник стигна до убедлив триумф. Сепак, ниту овој податок, ниту настапите во Европа не се вистинско мерило за денешното дерби. Во вакви натпревари одлучуваат моментумот, инспирацијата и моменталната форма.

Пред почетокот на натпреварот, од таборот на Вардар најавија спектакл. Заедно со „Комити“ подготвуваат посебна кореографија, со која дополнително ќе ја вжештат атмосферата во „Јане Сандански“.

За оние кои нема да дојдат во сала оваа пресметка ќе можат да ја гледаат со директен пренос на МРТ.

ПретходноАморим: „Топ Ган“ е одличен филм, но во првиот дел верниот придружник на главниот лик загинува
СледноВисдом Окере во стартниот состав на Тиквеш на Чаир!