Сирику Диабате дојде како столб во одбраната а стана резерва на Мишковски и децата

478

Почнаа поразите на Вардар… Прво Тиквеш во Купот (1:3), па еве и Струга Трим Лум (0:1) и двата на „тесното“ на ФФМ, каде „црвено-црните“ одлучија да играат за да имаат поголеми шанси на помалиот стадион против посилните екипи. Но, квалитетот е тој- екипата е таа а тренерот и да има „волшебно стапче“ со овие играчи не може ништо да направи.

Вардар сеуште ги плаќа катастрофалните политики од летниот преоден рок со залутаниот тренер од Аргентина како Кристијан Фабиани и неговиот „стручен штаб“ кои имаа очајни и аматерски подготовки во Италија кои резултираа со експресна елиминација од Европа.

За играчите веќе е јасно… Од „промашување во промашување“. Аргентинците се посебна приказна и тие речиси и не постојат во Вардар освен кога треба да се земаат големите плати. Нешто минутажа добива Кастањеда додека Торес (најскапиот во Вардар), го нема на мапата и сеуште се шета низ Скопје со сликата која ја има со Меси (на некои терени по Америка).

Од оние кои играат а се од новите е само потпросечниот Пиреш кој има само еден гол и една асистенција за разлика на пример од оној Стефан Цветковиќ кој лани со 9 гола и неколку асистенции беше пресуден за титулата, но ете беше отпуштен за да го донесат овој од Силекс кој знае да игра само против Силекс (тогаш и го даде голот).

А Гроф Божовиќ дојде да ја среди екипата, да донесе дициплина. Ред и поредок. Успеа до некаде, но ете сезоната е долга, многу натпревари – два фронта. Испукаа оние кои беа во фокусот. Се појавија повредите кај Филип Најдовски на пример кој се жали на тетивата и кој не играше со Струга ТЛ. И кога сите очекуваа да го видат наследникот на Дарко Велковски, се случува шок. Сирику Диабате седи на клупата а Ненад Мишковски со скоро 40 години е на теренот. Вардар губи 0:1 – Гроф прави ротации со децата а големото засилување кое требаше да биде столб на одбраната сеуште е резерва. Во овие месеци откако дојде одигра само против Овче Поле во Купот, даде гол и ете го нема никаде. Тоа што е резерва на Мишковски (секога чест на годините), и децата од младинскиот погон е само показател на најновата „трансфер превара“ во Вардар која секако како и останатите е скапо платена.

Не се случајни поразите, лошите игри… Вардар го „држат“ само 3-4 играчи кои се тука во клубот уште од онаа екипа која го освои Купот. Нема друга разлика, темпо, интензитет и желба за акција. Сето тоа е тенко… Но никој не гледа тоа што треба да се види. Вардарци да стискаат палци и разликата да остане до 6 бода со конкурентите во лигата. Па зимската пауза да се искористи за нешто добро и позитивно а не за комбинации.

ПретходноПМФЛ – 13.коло: Дерби дуелите Струга ТЛ – Шкендија и Силекс – Вардар в сабота од 12 и 13 часот!
СледноУжас: На 30 години почина фудбалерот на Тенерифе, Хезус де Мигуел!(ФОТО)