Анри среде емисија доживеа емоционален слом: Ова мора да престане…

72

Легендарниот француски фудбалер Тјери Анри не можеше да ги сокрие емоциите по стравичниот расистички напад во Франција, во кој едно лице го загуби животот, а седум беа повредени.

Анри зборуваше за трагедијата во емисијата на „CBS Sports Golazo“, за време на преносот на натпреварите од Лигата на шампионите, испраќајќи силна порака по нападот во Трап и Ла Верјер.

Во нападот животот го загуби 26-годишниот Пенго Босио Ванги, додека меѓу седумтемина повредени има и 12-годишно девојче.

Поранешниот напаѓач на Арсенал и француската репрезентација не криеше колку го потресла трагедијата, особено поради фактот што станува збор за насилство мотивирано од расизам.

„Ова е ѕверство. Страшно е. Ова е расистички чин. Во еден момент мора да кажете дека е доста. Човек оди по улица и некој го убива, едноставно така“, порача Анри.

Особено емотивен дел од неговото обраќање се однесуваше на прашањето за припадноста и идентитетот, односно дали луѓето поради бојата на кожата мора постојано одново да докажуваат дека ѝ припаѓаат на земјата во која се родени и живеат.

„Дали секогаш мораме да докажуваме дека сме Французи? Ние сме Французи и тоа никогаш нема да се промени, без разлика на сè што ќе се случи. Јас сум црнец. Јас сум Французин. Јас сум татко“, изјави легендарниот фудбалер.

Анри потоа истакна дека трагедијата можела да го погоди и неговото семејство, поради што смета дека ваквите работи мора да престанат.

„Тоа можеше да биде мојот брат. Тоа можеше да биде мојата ќерка. Ова мора да престане“, порача видно потресениот Анри.

На крајот, тој изрази длабока почит кон семејствата погодени од трагедијата, нагласувајќи дека му било исклучително важно јавно да им ја изрази својата поддршка.

Неговите зборови предизвикаа бројни реакции, а пораката на еден од најголемите француски фудбалери повторно го отвори прашањето за расизмот и насилството во француското општество.

ПретходноКарик: На „Олд Трафорд“ се случуваат магични работи, но ова е само еден натпревар
СледноЛазаров одбра за дуелот со Луксембург!