Грците предупредуваат: Македонија е најважниот натпревар, потребна ни е поддршка од навивачите!

197

Грција е следниот противник на македонската ракометна репрезентација. За разлика од нашите момци, нашиот јужен сосед со убедлив пораз од Шведска (33-24) ги отвори квалификациите за пласман на Европското првенство 2028 година.

Натпреварот помеѓу Грција и Македонија се игра во недела, во салата „Тасос Камбурис“ во Халкида, која има капацитет од 1.620 гледачи. Влезот за натпреварот ќе биде бесплатен, што пак е потврда дека нашите ракометари ги чека тежок предизвик и жешка атмосфера.

Од таборот на грчката репрезентација после поразот од Шведска испратија апел до навивачите да дојдат и да им дадат максимална поддршка од трибините, Македонија ја гледаат како шанса за прва победа.

„Загубивме со девет гола разлика. Искрено, тоа ни остава горчливо-сладок вкус. Игравме против одлична репрезентација, која е меѓу петте најдобри во светот. Долго време бевме рамноправни, се држевме во натпреварот и се надигрувавме со противникот. Продолжуваме да се бориме за пласман понатаму. Во недела нè очекува многу важен натпревар и потребна ни е поддршката од навивачите против Македонија“, изјави Теодорис Боскос.

Сличен апел имаше и селекторот на Грција, Георгиос Заравинас.

„Добро е што им дадовме можност за настап на многу ракометари, имајќи го предвид тешкиот натпревар против Македонија во недела. Од денешниот натпревар има добри работи што можеме да ги задржиме, но и неколку што треба да ги поправиме. Натпреварот можеше да заврши и со шест-седум гола разлика. Реалноста е дека следниот дуел е најважниот натпревар во групата и потребна ни е поддршката од навивачите“.

Македонската ракометна репрезентација денеска патува за Грција.

ПретходноЛЕ: Јуве спасуваше победа, Селтик ја доби голеадата со Бешикташ
СледноКари го затрупа кошот на Мајами (ВИДЕО)