Подмладениот женски сениорски национален тим ги одработи првите тренинзи во Скопје

46

Женската сениорска репрезентација на Македонија, во исклучително подмладен состав, ги одработи првите тренинзи во Скопје, во пресрет на стартот на претквалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство во 2029 година.

Во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, селекторот Виктор Петровски и неговиот асистент Оливер Стојмановиќ ги имаа на располагање следните 12 кошаркарки: Ана Милованова, Сања Адамовска, Сара Максимовска, Марија Митева, Катерина Поп-Димитровска, Милица Николиќ, Теа Трајковска, Јана Пислевска, Јована Петрушевска, Глорија Груевска, Ива Колева и Вања Милосављевиќ.

Согласно со планираните активности, утре наутро експедицијата ќе отпатува за Букурешт, каде директно ќе им се приклучат и интернационалките Цветанка Димова (Грција) и Теа Митрева (Италија).

„На овие први тренинзи сметаме на кошаркарките кои се во Скопје. Сите ќе патуваат за Романија, а по неколкуте тренинзи кои ќе ги реализираме во Букурешт, ќе го одредиме дефинитивниот список од 12 кошаркарки кои ќе настапат против домашната селекција. Во Букурешт ќе ги чекаме Димова и Митрева, кои со своето искуство треба да му помогнат на овој исклучително млад состав во првата фаза од претквалификациите“, истакнува селекторот Петровски.

Во ноемврискиот ФИБА-прозорец, македонската репрезентација ќе одигра два натпревари во рамките на групата „Ц“.

Првиот е на програмата на 11 ноември, кога Македонија ќе гостува во Букурешт против селекцијата на Романија. Натпреварот во салата „Поливалента Рапид“ е закажан за 18 часот по локално, односно 17 часот по македонско време.

Три дена подоцна, на 14 ноември (сабота), нашата репрезентација ја очекува и првиот домашен натпревар. Во спортскиот центар „Џексон“ во Штип, со почеток од 18 часот, Македонија ќе ја пречека селекцијата на Естонија.

ПретходноЛазаров смирува: На крајот на мај, Грција ќе гостува на нашиот терен!
СледноЈуве само до бод во Фиренца