Македонската ракометна репрезентација ќе ја бара втората победа во битката за пласман на Европското првенство во 2028 година. По убедливото издание против Луксембург на домашен терен, следен противник е селекцијата на Грција. Натпреварот се игра денеска (16 часот) во спортската сала „Тасос Камбурис“ во Халкида.
Ова ќе биде сосема поинаков натпревар. Противникот во последната година покажа дека поседува квалитет и не смее да биде потценет во ниту еден момент, нешто што веќе им е јасно на сите во „црвено-жолтиот“ дрес. На сето ова треба да се додаде дека нашиот јужен сосед ќе има голема поддршка од трибините, а влезот во салата е бесплатен, па нашите момци ќе играат пред „пеколна“ атмосфера.
Иако многу работи се променети во составот и играта на Грција, сепак традицијата е на страната на Македонија. Двата тима досега одиграле осум меѓусебни натпревари, од кои шест им припаднале на нашите ракометари. Последен пат Македонија ја совлада Грција на 16 јуни 2019 година, кога на домашен терен славеше со 27:23 (13:11).
Во продолжение ви издвојуваме неколку интересни факти:
-
Македонија е лидер во групата по првото коло со два бода, додека Грција е на третото место без освоен бод.
-
Грција беше поразена од Шведска во првото коло со 33:24, и покрај осумте гола на Теодорос Боскос.
-
Македонија ги започна квалификациите со убедлива победа над Луксембург (41:23), а Никола Костески беше најефикасен со шест гола.
-
Грција има само две победи против Македонија во меѓусебните дуели, во 2002 и 2018 година. Македонија ги доби останатите шест натпревари.
- Грција за првпат се пласираше на завршниот турнир на Европското првенство во 2024 година, додека Македонија настапува на секое континентално првенство од 2012 година наваму.
Натпреварот помеѓу Грција и Македонија ќе биде директно пренесуван во Арена МК.










