Започнува кампањата „Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки“

25

Започнува кампањата „Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки“, чија цел е да ја зголеми видливоста и популарноста на женскиот спорт и да поттикне поголема посетеност на женските спортски натпревари.

Кампањата ја спроведува Спорт Соушал Солушнс (ССС) во рамки на проектот „Фер игра – поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кофинансиран од Европската Унија. Проектот го спроведува Македонскиот олимписки комитет, во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка, Спорт Соушал Солушнс и Параолимпискиот комитет.

Со „Навивај за Неа“ сакаме да го насочиме вниманието кон еден од важните предизвици со кои се соочува женскиот спорт – недоволната јавна и медиумска видливост и малата посетеност на женските спортски натпревари. И покрај резултатите, посветеноста и успесите на спортистките и женските тимови, нивните натпревари сè уште поретко се промовираат и често се играат пред недоволно исполнети трибини.

Токму затоа, преку оваа кампања сакаме да ја мобилизираме јавноста и да создадеме навика женскиот спорт да се следи, да се поддржува и да биде редовен дел од спортската и медиумската понуда. Поголемата публика значи поголема видливост за спортистките и клубовите, поголем интерес од медиумите, но и подобри можности за привлекување партнери и спонзори и за долгорочен развој на женскиот спорт.

„Женскиот спорт заслужува поголема видливост, поддршка и публика. Со кампањата ‘Навивај за Неа’ сакаме да поттикнеме промена во начинот на кој јавноста го следи и го вреднува женскиот спорт. Нашата цел е трибините да не бидат полни само за големите натпревари и успеси, туку поддршката за спортистките да стане редовна и природна. Веруваме дека секој навивач на трибините е дополнителна мотивација за спортистките, но и инспирација за девојчињата кои допрва ги прават своите први чекори во спортот“, истакнува Силвија Митевска, директорка на Спорт Соушал Солушнс.

Кампањата ги опфаќа женската кошарка, фудбал, ракомет и одбојка. Во соработка со националните спортски федерации е подготвен календар на избрани женски натпревари, кој е во прилог на оваа информација. Ги повикуваме медиумите, институциите, компаниите, граѓанските организации, навивачките групи и, пред сè, граѓаните да го следат календарот, да ги посетат натпреварите и активно да ја поддржат кампањата.

Во рамки на „Навивај за Неа“, Спорт Соушал Солушнс ќе реализира медиумски и дигитални активности, промоција на избрани натпревари, видео и радио содржини, како и директно вклучување на спортистки, јавни личности, навивачки групи, институции и други поддржувачи на женскиот спорт.

Нашата цел не е само еднократно да ги наполниме трибините, туку постепено да придонесеме кон создавање нова и редовна публика за женскиот спорт. Полната трибина испраќа порака дека трудот и успехот на спортистките се препознаени и вреднувани. Во исто време, поголемата видливост на успешните спортистки создава позитивни модели за децата и младите, особено за девојчињата кои преку нив можат да се препознаат себеси во спортот и да бидат мотивирани да го развиваат сопствениот потенцијал.

Затоа, нашиот повик е едноставен: следете го календарот, изберете натпревар и дојдете да навиваме заедно.

Навивај за Неа – Полните трибини создаваат идни шампионки.

kalendar

ПретходноТРЕНЕР НА КОЛОТО: Бледи Шкемби (Струга ТЛ)
СледноМурињо го држи на клупа, а од Анчелоти бара да му даде минутажа