Интервју со Андријана Зафировска: Спортот може да биде сигурна и долгорочна професија за една жена

50
Фото: Архива на Андријана Зафировска

✍ Сашо Кузмановски

За неа одбојката е повеќе од спорт. Од години минати на паркетот како играч и репрезентативец, па оние како оперативец во одбојкарскиот клуб Работнички, до професорската кариера на катердата за одбојка при Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Одбојката е во крвта и се живее со секој нов ден. И на теренот со младите одбојкарки и во предавалните пред новите одбојкарски стратези и педагози. Денеска со Андријана Зафировска зборуваме за одбојката, за жените во спортот, за младите и нивната едукација.

🏐Вашата одбојкарска кариера помина и низ клупски и низ репрезентативни настапи, а денес сте професорка и спортски директор. Кога ќе се навратите на патот што го поминавте, што е најголемата лекција што спортот ви ја остави и како таа денес ја пренесувате на младите генерации?

„Мојата одбојкарска кариера беше исполнета со многу предизвици, успеси, искуства и незаборавни моменти кои ме изградија не само како спортист, туку и како личност. Во текот на кариерата настапував за повеќе клубови во Македонија и во странство, од Олимпик Волеј, Вардар Макпримат, Студент, Студент Кометал, Арис од Грција до Пожаревац од Србија. Но, од 2000 година до денес, без разлика каде ме носеше спортскиот пат, секогаш се враќав во клубот кој за мене претставува многу повеќе од спортска организација – ОК Работнички, клубот кој отсекогаш бил мојот спортски дом. Денес, во истиот клуб продолжувам да придонесувам во една поинаква, но подеднакво одговорна улога, како потпретседател и спортски директор. Особено сум горда на мојата репрезентативна кариера. На само 15-годишна возраст станав член на сениорската репрезентација на Македонија, а репрезентативната кариера ја завршив како нејзин капитен. Одбојката ми даде многу повеќе од спортска кариера. Ме научи на одговорност, тимска работа, почитување, истрајност и справување со поразите, кои понекогаш се многу поважни лекции од самите победи. Кога денес ќе се навратам на целиот тој пат, сфаќам дека најголемата лекција што ми ја остави спортот е дека талентот може да ви ја отвори вратата, но само дисциплината, посветеноста, истрајноста и карактерот можат да ве задржат на врвот. Успехот не доаѓа преку ноќ и зад секој резултат стојат години работа, пожртвуваност и откажувања“.

🏐Како поранешна репрезентативка, од прва рака ги знаете предизвиците со кои се соочуваат спортистките. Колку се променети условите за женската одбојка во Македонија во споредба со времето кога вие активно игравте?

„Ако направам споредба со периодот кога активно играв одбојка, морам да истакнам дека одредени работи се променети во позитивна насока. Денес државата издвојува повеќе финансиски средства за спортот и постојат поголеми можности за поддршка и развој, но, за жал, многу основни и суштински проблеми останале непроменети. И покрај зголемените вложувања, сметам дека условите за работа и развој на женската одбојка не се подобрени во мера во која би требало. Сè уште се соочуваме со недоволна и несоодветна спортска инфраструктура, ограничени термини за тренинг, недостиг од современа опрема и реквизити, како и недоволна финансиска стабилност на клубовите. Дополнителен проблем е што значителен дел од финансискиот товар за развојот на младите спортистки и понатаму го носат нивните семејства, додека клубовите често функционираат благодарение на ентузијазмот и личната посветеност на спортските работници. Од друга страна женската одбојка денес има навистина голем потенцијал. Таа е најмасовен женски спорт во Македонија, со голем број девојчиња кои тренираат во различни возрасни категории. Тоа е огромна вредност која мора да ја препознаеме и соодветно да ја поддржиме.

Масовноста сама по себе не е доволна. Нашиот најголем предизвик е квантитетот да го претвориме во квалитет, а за тоа ни е потребен јасно дефиниран, стручен и долгорочен систем на работа. Особено значајно е континуираното вложување во едукацијата и стручното усовршување на тренерите, кои треба да работат според унифицирана програма, со јасно дефинирани цели, методи и стандарди за секоја возрасна категорија“. 

Screenshot

🏐Сè уште постои разлика во вреднувањето на машкиот и женскиот спорт, особено во медиумската застапеност, финансирањето, спонзорствата и наградувањето. Дали сметате дека женскиот спорт добива внимание пропорционално на резултатите и трудот што ги вложуваат спортистките?

„Сметам дека женскиот спорт во Македонија во последниве години за нијанса добива поголемо внимание и финансиска поддршка но сметам дека задлужува многу повеќе. Женската одбојка е одличен пример дека со голема масовност, традиција, квалитетни спортистки и клубови кои континуирано работат и вложуваат и со ограничени ресурси постигнуваат значајни резултати. Сепак, тоа не е соодветно проследено со институционална, медиумска и спонзорска поддршка. Женскиот спорт не треба да биде третиран како споредна категорија, туку како рамноправен дел од националниот спортски систем“. 

🏐Кои се најголемите предрасуди со кои се соочуваат девојките што сакаат професионално да се занимаваат со спорт?

„Сметам дека една од најголемите предрасуди е дека спортот не може да биде сигурна и долгорочна професија за една жена. Јас цврсто верувам дека може, но за тоа е неопходна поголема финансиска и институционална поддршка, социјална и здравствена сигурност, образовни поволности и перспектива по завршувањето на спортската кариера. Жената има сила и потенцијал да биде успешна спортистка, професионалец и мајка, но не смее постојано да биде ставена пред избор меѓу кариерата и семејството. Жените одамна докажаа дека можат да успеат во професионалниот спорт. Сега е наша обврска да создадеме услови нивниот успех да значи и професија, егзистенција и сигурна иднина“. 

🏐Како професорка на катедрата за одбојка, дали забележувате доволно интерес кај младите девојки за спортот? Што треба да направат училиштата, факултетите и спортските клубови за да ги охрабрат девојките да останат во спортот и да напредуваат?

„Работата со студентите за мене е една од најубавите и најблагородните професии, но истовремено и огромна одговорност. Нема поголемо задоволство од тоа да го пренесувате своето знаење и искуство на младите генерации, да го следите нивниот развој и да бидете дел од нивното професионално созревање.

Заинтересираноста кај младите девојки за спортот, особено за одбојката, е огромна и тоа е потенцијал кој мора максимално да го искористиме. Сметам дека училишниот, а потоа и универзитетскиот спорт треба да бидат првиот филтер за препознавање на талентите, силна мотивација за младите и почетна точка на патот кон врвниот спорт. За тоа се неопходни континуирани, квалитетни и сериозно организирани училишни и универзитетски лиги, како и поголема поврзаност меѓу образовните институции, спортските клубови и националните федерации. Особено внимание мора да се посвети на едукацијата, стручноста и одговорноста на тренерите и наставниците кои работат со младите“. 

🏐Денес сте и спортски директор на ОК Работнички во женска конкуренција. Колку е предизвикувачки да се создава конкурентен женски тим во услови кога ресурсите, спонзорствата и вниманието често се ограничени?

„Огромна привилегија, гордост но и исклучителна одговорност и обврска е да се биде дел од раководството на најтрофејниот женски одбојкарски клуб во Македонија. Клуб кој со децении наназад преку своите резултати докажува што значат традиција, континуитет, квалитет и шампионски менталитет. ОК Работнички не е само спортски клуб, туку вистинска одбојкарска институција! синоним за титули и успеси, но пред сè расадник на репрезентативки и врвни спортистки, кој оставил неизбришлива трага во историјата на македонската женска одбојка. Со 18 шампионски титули, 15 купови и еден Суперкуп, односно вкупно 34 домашни трофеи, Работнички со право претставува пример за спортска традиција, посветеност и континуитет во создавањето победнички генерации. Особено сум горда што и денес продолжуваме да градиме конкурентен тим со домашни одбојкарки, докажувајќи дека македонските спортистки имаат квалитет и потенцијал за врвни резултати. Но, да се одржи таков стандард во услови на ограничени финансиски ресурси, недоволна спонзорска и институционална поддршка е исклучително голем предизвик. За континуитет на резултатите потребни се стабилно финансирање, професионални услови и долгорочна стратегија. Воопшто не е лесно. Но љубовта и страста кон одбојката се посилни од сите тешкотии. Тие се мојата најголема движечка сила, мотивацијата што ме води низ целиот процес и ми дава енергија, истрајност и решителност секојдневно да се справувам со проблемите и предизвиците. За мене одбојката никогаш не била само спорт или професионална обврска, туку дел од мојот живот и мојот идентитет. Токму затоа сакам да упатам повик до институциите, бизнис-заедницата и потенцијалните спонзори да ја препознаат вредноста на брендот ОК Работнички, неговата традиција, резултати и придонес во развојот на македонскиот спорт. На шампионите во Македонија мора да им се овозможи полесно да го направат следниот чекор – кон Европа. Настапите на европската сцена не треба да бидат финансиски товар и неизвесност за клубовите, туку можност за напредок, меѓународна афирмација и достојно претставување на македонскиот спорт“. 

🏐Колку е важна поддршката од семејството, тренерите и институциите за една девојка да изгради спортска кариера, особено кога треба да ги усогласи тренинзите, образованието и приватниот живот?

„Поддршката е пресудна! Семејството е првата и најважна потпора, но тоа не смее да биде единствената ниту да го носи целиот товар на нејзиниот спортски развој.

Создавањето успешна спортистка е процес во кој семејството, тренерите, спортските клубови, образовните институции, федерациите и државата претставуваат делови од еден меѓусебно поврзан систем, во кој секоја алка има свое исклучително значење, улога и одговорност. Семејството ја обезбедува првичната емоционална и морална поддршка, тренерот е клучен за стручниот развој, мотивацијата и градењето на спортскиот карактер, додека клубовите и институциите имаат обврска да создадат услови за континуиран напредок и професионална перспектива. Најчувствителен е периодот на премин од младинска во сениорска конкуренција, кога многу талентирани девојки се соочуваат со избор меѓу образованието, спортот и личната егзистенција. Токму тогаш системот треба да им понуди најголема поддршка, мотивација и јасна перспектива. Не смееме да дозволиме иднината на една талентирана спортистка да зависи исклучиво од финансиските можности и пожртвуваноста на нејзиното семејство. Спортскиот успех е резултат на заедничка работа и затоа одговорноста за неговото создавање мора да биде заедничка“. 

Screenshot

🏐Жените сè почесто се наоѓаат на раководни позиции во спортот, но и понатаму се соочуваат со предизвици во споредба со мажите. Дали сметате дека жените во спортското раководење мора да докажуваат повеќе за да ја добијат истата доверба и авторитет?

„За мене авторитетот не произлегува од полот, туку од знаењето, компетентноста, искуството, одговорноста и постигнатите резултати! За жал, сметам дека жените во спортот сè уште мораат многу повеќе да ги докажуваат своите способности, стручност и авторитет, особено кога станува збор за раководни и одлучувачки позиции. Но, истовремено, сè повеќе жени преку својата работа, посветеност и постигнати резултати потврдуваат колку се способни, успешни и рамноправни во придонесот кон спортските достигнувања. Потребно е само да нè има многу повеќе. Сакам да потенцирам дека не е доволно жените само формално да бидат застапени во спортските институции, федерации и клубови. Потребно е да им се овозможи вистински простор за професионална, стручна и одговорна работа, нивниот глас да биде слушнат, нивните ставови да бидат почитувани, а нивните одлуки да имаат реална тежина“. 

🏐Одбојката е спорт во кој тимската работа, дисциплината и меѓусебната доверба се клучни. Колку овие вредности можат да придонесат и за поширока општествена промена – за еднаквост, почитување и рушење на стереотипите за улогата на жената?

„Сметам дека спортот е една од најсилните алатки за воспитување, градење карактер и создавање позитивни општествени вредности. Редот, работата, дисциплината, одговорноста, истрајноста, тимската работа, меѓусебната доверба, но и способноста за навремена и брза реакција, донесување одлуки и справување со предизвици се вредности и вештини што се стекнуваат преку спортот, а имаат непроценливо значење во сите сфери на животот. Одбојката е вистински пример за тоа. Во неа не постои индивидуален успех без колективна работа. Секој поединец има своја улога и одговорност, но конечниот резултат зависи од заедништвото, комуникацијата, довербата и почитувањето. Не случајно, голем број поранешни спортисти успешно се реализираат и надвор од спортот, како бизнисмени, менаџери и раководители на големи компании и институции. Спортското искуство им дава значајна основа за организирање, управување со луѓе, носење одлуки под притисок, преземање одговорност и справување со успехот и неуспехот. Особено е важно овие можности подеднакво да им бидат достапни и на девојките. Преку спортот тие стекнуваат самодоверба, независност, лидерски способности и храброст да ги надминат наметнатите стереотипи и општествени ограничувања. Затоа вложувањето во женскиот спорт не е само вложување во медали и титули, туку во создавање силни, образовани, самостојни и успешни жени, кои утре ќе бидат лидери, носители на одлуки и двигатели на позитивни општествени промени“. 

🏐Кога би можеле да промените една работа во македонскиот спорт за да им овозможите на девојките и жените подобри услови и поголеми перспективи, што би било тоа? И каква порака би им испратиле на младите девојки кои денес сонуваат да станат одбојкарки, но се двоумат дали спортот може да им обезбеди иднина?

Screenshot

„Кога би можела да променам само една работа, тоа би било значително зголемување на финансиската поддршка за женскиот спорт во Македонија, а со соодветни, континуирани и правилно насочени финансиски вложувања би се создале предуслови за воспоставување функционален, долгорочен и одржлив систем за развој на женскиот спорт, со професионални услови за работа, квалитетен стручен кадар и вистинска перспектива за младите спортистки. Не можеме да очекуваме европски резултати со минимални вложувања. Ако сакаме силни клубови, конкурентни репрезентации и врвни спортистки, мора сериозно да инвестираме во нивниот развој. Што се однесува до пораката за младите девојки, зарем постои поголема мотивација од сознанието дека женската одбојка денес е еден од најатрактивните и финансиски најперспективните женски колективни спортови во светот? На највисокото професионално ниво се склучуваат договори вредни стотици илјади, па дури и милионски износи во евра на годишно ниво. Тоа е најдобар доказ дека одбојката не е само спорт, љубов и страст, туку може да биде и сериозна, успешна и финансиски вреднувана професија“. 


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноВЛТ НАВИВА: Вардар – Алкалоид, дерби во сабота!
СледноМарковиќ објави 19 имиња за Европското првенство!