Тијана Митрева: „Си веруваме, се поддржуваме, и се бориме една за друга“

26

Женската сениорска репрезентација на Македонија се врати од Букурешт, каде го одигра првиот натпревар од ноемврискиот циклус на претквалификациите за Евробаскетот 2029.

И покрај поразот од Романија, во македонскиот табор владее оптимизам и верба дека оваа млада селекција има потенцијал за напредок.

Следниот предизвик за избраничките на селекторот Виктор Петровски е дуелот со Естонија, кој ќе се одигра во сабота (14 ноември), со почеток во 18:00 часот, во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.

Тијана Митрева е задоволна од атмосферата во репрезентативниот табор, а особено од хемијата и заедништвото што, според неа, се чувствуваат и надвор од теренот и за време на натпреварите.

Верува дека токму тие вредности, заедно со желбата и борбеноста, се добра основа за иднината на овој млад национален тим.

„Ваква хемија во репрезентацијата одамна немам почувствувано. Знам дека надвор од теренот сме многу поврзани, но она што најмногу ме радува е што таа поврзаност уште повеќе се чувствува на теренот. Си веруваме, се поддржуваме и се бориме една за друга.

И покрај поразот во Романија, можам да кажам дека сум навистина задоволна од она што го покажавме на теренот. Покажавме огромна желба, карактер и борбеност, а тоа за мене е многу поважно од самиот резултат.

Свесни сме дека секој почеток е тежок и дека е потребно време за да се изгради нешто вистински квалитетно. Но токму енергијата, карактерот и заедништвото што ги покажавме се доказ дека оваа репрезентација има светла иднина“.

Во сабота, следува нов предизвик – Естонија?

„Пред нас е уште еден натпревар на домашен терен, што ни дава дополнителна мотивација и желба да се покажеме во најдобро светло. Да се игра пред домашната публика е посебно чувство и дополнителен мотив да го дадеме максимумот. Верувам дека ова е само почеток на нешто убаво и дека најдоброто допрва доаѓа“, истакнува Тијана Митрева.

Македонија и Естонија ќе се сретнат во сабота во Штип. Поддршката од трибините ќе биде дополнителен мотив за нашите кошаркарки во обидот да стигнат до позитивен резултат во вториот натпревар од претквалификациите.

ПретходноСупер-лигата продолжува со два натпревари!
СледноШкотски и македонски навивачи се загреваат за вечерашниот дуел! (ФОТО)