Храбра игра на Алкалоид, Вардар го доби градското дерби (ФОТО)

187

Градската пресметка меѓу Вардар и Алкалоид ја понуди целата неизвесност, која можеби малкумина ја очекуваа. Избраниците на Кирил Лазаров пружија силен отпор на актуелниот македонски првак, но некаде пред 45. минута го загубија ритамот, момент кој го искористија момците на Иван Чупиќ. На крајот Вардар славеше со 36-31 и остана перфектен, има десет победи во исто толку одиграни натпревари, за Алкалоид ова е втор пораз, има осум победи.

Фадухил со 11 гола од исто толку обиди беше прво име кај Вардар, зад него беше Воркапиќ со шест погодоци. На другата страна Никола Костески запиша осум погодоци од исто толку обиди, додека Марко Митев беше стрелец на седум гола.

Одлично прво полувреме одиграа двата тима. Иако Вардар поведе со 4-1 и во поголемиот дел од првиот дел имаше предност од два до три гола, тоа се промени по 17. минута, при резултат 12-9. Алкалоид возврати со серија од 3-0 и израмни на 12-12 со голот на Никола Костески од седум метри. Од тој момент се играше изедначено, гол за гол. Градската пресметка доби и „искри“ откако по грубиот старт на Сухолежник врз Да Силва настана мешаница, која брзо беше смирена. На одморот резултатот беше 17-17.

Само четири минути игра во вториот дел беа доволни Алкалоид да остане без Иван Џонов, кој заработи директен црвен картон, по што Вардар поведе со 20-18. Сепак, ова не се одрази врз играта на гостите, кои успеаја да израмнат на 20-20. Во 38. минута избраниците на Кирил Лазаров за првпат поведоа на натпреварот (21-22), откако Борзаш реализираше. Актуелниот првак веднаш возврати со израмнување, па мечот продолжи во истиот ритам – неизвесно, гол за гол, при што двата тима брзо ги завршуваа своите напади.

Пред средината на второто полувреме, после последното водство на Алкалоид од 25-26, Вардар започна да го гради победничкиот пат. Со серија од 7-0 и да поведе со 32-26, во период во кој Алкалоид имаше проблеми со техничките грешки. Ова беше и клучниот момент за крајниот исход.

Во следното коло, Алкалоид игра уште едно дерби против Пелистер на домашен терен.

На последната средба Струга на домашен терен славеше против Куманово со 27-23.

ПретходноХаланд и другарите го “решија“ Велс