МЗТ Скопје и Работнички денеска ќе го одиграат дербито на седмото коло во Супер-лигата. Двата тима за првпат оваа сезона ќе ги одмерат силите, а натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ е закажан за 19 часот.
Работнички во оваа пресметка влегува како лидер на табелата со максимални шест победи, додека актуелниот шампион го пречекува дербито од втората позиција, со учинок од пет победи и еден пораз. За првпат после долго време тимот од „Градски парк“ е во една ваква серија, и за првпат после долго време е лидер пред „сино-белите“.
„Пред нас е дерби против МЗТ. Нè очекува тежок натпревар, но веруваме во нашиот тим. Ќе се бориме за секоја топка, за секој поен и ќе дадеме сè од себе во текот на целиот натпревар. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број, бидејќи вашата поддршка ни е многу важна. Заедно сме посилни“, порача Виктор Ефремовски.
За жал, и ова дерби ќе помине без директен телевизиски пренос. Натпреварот ќе може да се следи на Јутјуб-каналот на КФСМ.
19.00: МЗТ Скопје Аеродром – Работнички
Спортски центар „Јане Сандански“ – Скопје
ЛИНК: https://www.youtube.com/live/Ks2c6DFjyv0?si=nnf9LTFQTx_mEg8p










