Червар во свој стил: Не се лутам на тие критиките за „седум на шест“, тоа ме тера да бидам уште подобар!

0

Лино Червар конечно пристигна во Битола и му го даде потребниот импулс, но и вербата дека Пелистер ќе има што да покаже оваа сезона. Вечерва во салата „Боро Чурлевски“ падна бундеслигашот Гумерсбах, откако момците на Червар приредија неверојатен пресврт.

Искусниот стратег на битолчани ја сподели својата анализа, потенцирајќи го задоволството од играњето пред фантастичната публика. Во свој стил го искоментира и моментот со критиките за неговата игра „седум на шест“.

„Беше тежок, многу тежок натпревар. Но, сакам да ѝ се заблагодарам на нашата публика. Честитки за играчите, ова е голема победа. Да победиш германска екипа не е мала работа. Имавме пет гола негатива, требаше да се врати екипата, а тоа беше еден голем предизвик за сите нас. Но, требаше да им се даде едно вакво задоволство на битолската публика.

Голема победа, но за два дена имаме нов тежок натпревар против Алкалоид, па следува Охрид. Затоа немаме многу време за славје, иако ова е една многу убава вечер. Задоволен сум и среќен сум за Битола, за луѓето кои овде ме примија многу убаво и им честитам. Секогаш велам дека тимот е најдобриот играч, а вечерва таков беше нашиот тим. Можеби некој не веруваше во тоа, но почна Самоил да игра, па Фитиљ, па сите… и на крајот тоа ни донесе голема победа.

Јас не се лутам на тие критики за играта „седум на шест“. Тоа ме тера да бидам уште подобар, да размислувам повеќе. Кај таа тактика најважна е реализацијата. Но, тоа мора да се тренира и тренира и да се има самодоверба“.

ПретходноМакедонците Рајт и Шортс удрија по Ц.Звезда и Партизан