Не дека е недопорлив, долготраен и човек кој води проект, но Гоце Седлоски по вчерашниот убедлив пораз дома од „скромната“ Словенија стави до знаење дека „тенка“ е иднината на Македонија со него како селектор на клупата.
Без резултати, голови и бодови.., тешко дека некој би можел да размислува позитивно во овие тешки ако не и најтешки денови, месеци и година кога станува збор за националниот тим на Македонија. Веќе почна да се користат и термините оставка, отказ, смена…
Штом публиката и народот тоа го бара – спас и речиси нема. Сега останува на ФФМ и челните лица да седнат на маса и да анализираат и донесат одлука околу иднината на Гоце Седлоски но и околу иднината на уште други селектори во помалите селекции каде исто така не е запазен одреден напредок.
“Ќе видиме, да преспиеме…“, беше одговорот на Гоце Седлоски вчера по натпреварот а на новинарско прашање на прес конференцијата.
Странец како прв пик – Матијаж Кек е повторно на „радарот“
Клупата на Гоце Седлоски е сериозно разнишана. Секој потег на ФФМ околу негова смена би дошло во вистинско време со оглед на големиот гнев и револт кој владее кај јавноста и навивачите по последните случувања околу и во репрезентацијата. На подобро никако не оди работата, а проблемите само се таложат.
Па оттука и прашањето: „Дали Словенија вчера со убедливата победа во Скопје му ја отвори вратата на нивниот тренер Матијаж Кек за позицијата селектор на Македонија!?“
Се зборува дека странец би бил новиот селектор и дека човекот кој имаше успех на клупата на Словенија сега повторно е во игра. Тој беше неколкупати поврзуван со клупата на нашата репрезентација. По заминувањето на Ангеловски, по смената на Милевски… а еве и сега.
Се споменуваше неговото име во одредени кругови и вчера пред натпреварот а еве и денеска по дебаклот. Останува времето да даде одговор на овие дилеми. Матијаж Кек во моментов е тренер на екипата на Ријека од Хрватска. Ние не го забораваме другиот Словенец, Среќко Катанец со кој имавме успешни години.










