Вејн Руни важи за еден од најдобрите фудбалери во историјата на Англија, некогашен капитен на таа репрезентација. Во играчките денови беше секогаш во ТОП -5 листата на напаѓачи во светот. Но не било се така бајковито во негвиот живот.
Легендарниот напаѓач на Манчестер Јунајтед призна дека во најтешките моменти дури и размислувал за самоубиство, иако однадвор изгледало дека имал секаква причина да биде среќен.
Во разговор за подкастот на Габи Логан, Вејн Руни зборуваше за проблемите со менталното здравје што го мачеле во неговите најдобри денови во „Црвените ѓаволи“. Во тој период, тој беше дел од моќен тим предводен од Алекс Фергусон, ја освои Премиер лигата и Лигата на шампионите, а во исто време имаше семејство и штотуку го започнуваше животот како сопруг и татко.
Се ожени со Колин во 2008 година, додека нивниот прв син, Каи, се роди една година подоцна. Сепак, зад успешната фудбалска кариера и семејниот имиџ, стоеше борба за која речиси никој не знаеше во тоа време.
Поранешниот капитен на Англија призна дека во најтешките моменти сакал да се изолира од сите, а особено се грижел неговиот син да не види низ што поминува тој.
„Кога ќе се осврнам наназад, можам да кажам дека бев себичен, но знаев дека поминувам низ нешто со што беше многу тешко да се справи. Не сакав Каи да ме гледа како изгледам така, што ме натера уште повеќе да се повлечам во себе“, рече Руни.
Потоа изговори зборови што покажаа колку е сериозна неговата борба.
„Стигнав до точка каде што размислував за самоубиство. Едноставно не сакав да бидам во близина на никого. Не сакав да гледам луѓе на улица, не сакав да одам во продавници. Секогаш се чувствував безбедно на фудбалскиот терен, но ми беше тешко да се справам со сè друго“, призна поранешниот напаѓач.
Тој особено нагласи колку му било тешко да ја разбере сопствената состојба, со оглед на тоа што во тој период бил на својот врв професионално. Токму затоа побарал стручна помош и разговарал со терапевт за да се обиде да открие што се случува.
„Разговарав со терапевт за да се обидам да разберам што не е во ред со мене. Кога ќе се осврнам назад, веројатно бев на врвот на мојата кариера, добив син, штотуку се оженив. Требаше да биде најсреќниот период во мојот живот, но не беше. Всушност, беше еден од најтешките поради начинот на кој се однесував“, искрено рече поранешниот фудбалер.
Да ве потсетиме, Руни е најдобриот стрелец во историјата на Манчестер Јунајтед со 253 постигнати голови, а пред Хари Кејн да го престигне, тој го држеше и рекордот по број на голови за репрезентацијата на Англија.










