Која е разликата меѓу Мрме, Благоја и Седло: Двајца професори и еден студент!

2

Пишува: Зоран Ѓоршоски

И дефинитивно оваа 2026 ќе остане запаметена како најцрната, најлошата, најкатастрофалната година за нашата А – репрезентација. Десет натпревари, само две ремија и осум порази со гол – разлика 1:23. Оваа 2026 ќе ја паметиме и по катастрофалниот, најцрниот циклус во едно натпреварување, овопат во Б Лигата на Нации, кога на шест средби забележавме шест порази со гол – разлика 1:15.

Кога се победува успехот е сечиј, ама кога се губи тогаш поразот е само на еден човек. На директорот во фирмата, на генералот во војната, на селекторот или тренерот кога станува збор за фудбалот.

До пред една година Македонија играше баражи, играше на ЕП, блескаше и победуваше на гости против Италија, Германија, дома против Англија, Италија, Белгија и други играше барем нерешено.

Сите се гордеевме со нашата репрезентација на Македонија. Ние бевме фудбалското „ЧУДО“ на Балканот, така потенцираа медиумите од овие простори.

Но, од кога Гоце Седлоски дојде за селектор следуваше таков стрмоглав пад што просто не е за верување. Па намерно да го уриваш угледот кој што твоите претходници со мака го стекнувале, нема да можеш толку да го урнисаш како што тоа го направи Седлоски.

Затоа се поставува која е разликата меѓу Игор Мрме Ангеловски, Благоја Милевски и Гоце Седлоски, последните тројца наши селектори или по што ќе ги паметиме сите тројца?

Мрме ќе го паметиме по тоа што ја однесе Македонија на ЕП. Благоја по тоа што ја однесе Македонија на ЕП за младинци и по тоа што двапати, првиот пат заедно со Мрме, ја однесе Македонија во баражи за СП, а Седло ќе го паметиме по порази, очај, катастрофи и само по лошо.

Затоа и насловот: Двајца професори и еден студент! Лесно е да се погоди кој е студентот.

ИГОР МРМЕ АНГЕЛОВСКИ

Мрме од една распадната селекција, со многу работа и мака, направи репрезентација која најпосле играше на ЕП. Почетокот беше лош, поразите се редеа, ама се имаше визија. Знаше што треба да се стори. Неколку потези што Мрме ги направи, вродија со плод. Имал или немал тогаш лиценца, не е битно. Битно е дека тој е светски рекордер. Никогаш во историјата на фудбалот не се случило некој од директорско место да седне на клупата на првиот тим во еден клуб и веднаш да дојде до двојна круна. Мрме тоа го направи со Работнички во сезоната 2013 – 2014. И следната сезона ќе им ја земеше титулата на Вардар и Шкендија, ама…

Да се разбереме. Мрме не е Мурињо или Гвардиола, имаше и тој киксови. Ама, кој не греши? Мрме беше повеќе менаџер, знаеше како да направи атмосфера, како еден Пандев, Адеми, Стефан, Џани, Елмас и другите да “гинат“ за него, секако и за Македонија. Да, имаше среќа што сите овие играа во страшна форма, ама треба да знаеш. Мрме ја победи една Гермнија на гости со 1:2 во квалификации за СП. И, да, заедно со Милевски во исти циклус квалификациски, ја однесе Македонија во бараж.

Имаше неверојатно его, ама никогаш тоа не го покажуваше надвор од соблекувалната. Брилјантен беше со медиумите, некогаш и претеруваше, ама стана човек кој народот го сака. Некој рече дека не знаел тактика, дека не знаел репрезентацијата да ја спреми, дека некој друг му го правел тимот и тактиката, ама сето тоа се “приказни за мали деца“. Мрме во историјата ќе биде запаметен како првиот и засега единствен селектор кој ја однел Македонија на ЕП.

БЛАГОЈА МИЛЕВСКИ

По завршувањето на ЕП 2021, кога Мрме си замина, него го наследи Благоја Милевски. Него ќе го паметиме по пласманот и настапот на У-21 селекцијата на ЕП 2017 за младинци. Него ќе го паметиме и по тоа дека двапати ја однесе Македонија во бараж за СП, првиот пат во ист циклус со Ангеловски. Ќе го паметиме по таа епска победа во Палермо против Италија. Имаше и тој киксови, како на „Олд Трафорд“ и на гости кај Велс, но исто така имаше и епски моменти.

Благоја, за разлика од Мрме беше “закопчан“ за јавноста. На ФБ “нападите“не сакаше да возврати, тоа според него беше споредна работа, не сакаше да троши сила и време за такви работи. Тоа негово такво тврдоглаво гледање на работите “помогна“ да не биде омилен кај фановите. Ама неговата победа е во тоа што сега истите тие кои го “плукаа“ во коментари, бараат да се врати, откако видоа во каква катастрофа сме со неговиот наследник.

Исто човек со големо его, тврдоглав, но правичен. Кога ја “спукаа“ со Стефан, Благоја и натаму го повикуваше помладиот Ристовски во репрезентацијата. Ретко кој тоа би го направил.

Штета што не се најде модус како Благоја да ја води Македонија во баражот против Данска. Му се даде шанса на Седлоски и се виде што направи тој. Не дека со Милевски ние сигурно ќе се пласиравме на СП, сепак треба да имаш барем малку некаво чуство за тоа што е подобро за Македонија.

ГОЦЕ СЕДЛОСКИ

Што да се каже за “студентот“? Се што фати оваа година откако дојде за селектор, ама буквално се успеа да уништи. Прво почна со “караницата“ со Алекс Трајковски кога не му дозволи на херојот од Палермо да дојде до 100-тиот настап за репрезентацијата. Алекс заврши со 98 а Гоце има 100! Интересно. Дури и сопругата на Трајковски имаше што да каже на оваа тема. Седло тука ја изгуби сета почит кај фановите. Во спротивно, да му овозможеше на Алекс да одигра уште три меча, ќе беше запаметен како селектор за пример. Како човечка величина.

Да, Миовски не е во форма, Миовски нема минутажа во Глазгов, ама што човек треба да бидеш за да го пречкрташ нашиот најдобар напаѓач за мечот во неговиот Глазгов?

Од авион се гледа дека нема атмосфера во репрезентацијата, од авион се гледа дека на овие момци кои некогаш “кршеа нозе“ за Мрме и Благоја, секако и за Македонија, сега веќе не “кршат“ за Седло. Нема енергија, нема тактика, нема креативност, ништо нема. Ова веќе не личи на онаа репрезентација на Македонија од пред една година, ова е повеќе од катастрофа.

Има уште многу да се пишува, детализира, анализира, затоа совет до Седло нека си даде оставка веднаш за да не се мачи и самиот, а и да не ја мачи фудбалска Македонија.

Толку беше!

Се покажа…

ПретходноЧервар во свој стил: Не се лутам на тие критиките за „седум на шест“, тоа ме тера да бидам уште подобар!