Мемфис е најпријатното изненадување во НБА-лигата оваа сезона. Тим без големи ѕвезди, без звучни имиња и без кошаркари кои индивидуално значително отскокнуваат, но со јасна визија, одлична тимска хемија и фантастичен Томас Исало на клупата.
Финскиот стратег, кој има само 44 години и го паметиме како освојувач на Еврокупот со Париз, пред три сезони пристигна во Мемфис. Од асистент напредуваше до главен тренер и успеа да направи целосен рестарт на екипата. Се раздели со играчи кои не се вклопуваа во неговата визија, меѓу кои и Џа Морант, а од коло во коло докажува дека кошарката може да се игра и без големи имиња, доколку постои група играчи подготвени да ја следат замислата на тренерот.
Резултатите веќе се видливи. Мемфис моментално е третопласиран на Западот, а во последниот натпревар убедливо го совлада Голден Стејт со 126:98, иако не можеше да смета на својот најдобар стрелец сезонава, Тај Џером.
Неговиот изостанок го надомести Џејлин Велс со 22 поени и седум скока. Седрик Кауард додаде 19 поени.
Станува збор за исклучително млад состав кој знае што сака, но треба да се напомене дека и Голден Стејт не беше комплетен. Повторно го немаше Стеф Кари, па Чарлс Бејси со 16 поени и 13 скока беше најдобар поединец кај гостите.
Инаку, прв стрелец на Мемфис сезонава е Тај Џером (29), кој игра во животна форма и бележи просек од 25,4 поени и 5,3 асистенции по натпревар. На второто место е дебитантот Карлос Бузер, синот на легендарниот кошаркар со истото име, со просек од 16,6 поени.
И со ваков ростер, Мемфис има фантастичен ефект од 12 победи и само четири порази. За споредба, Денвер досега има скор од 8-5.
НБА-резултати
Мемфис – Голден Стејт 126:98
Милвоки – Портланд 114:124
Минесота – Њујорк 99:102
Сан Антонио – Л.А. Клиперс 124:112










