Скршени од болка по смртта на својот тренер Агрон Мемеди, денеска (13 часот) фудбалерите на Шкендија мора да го одиграат мечот, последен, од 14.коло во ПМФЛ. Јасно е дека прес – конференцијата пред мечот со кратовци беше откажана, но денеска и покрај се, тетовци одат на победа против тимот на Силекс.
Инаку денеска Шкендија испишува историја. Имено овој клуб за првпат во својата историја ќе биде домаќин на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, во меч од ПМФЛ. Шкендија во изминатите две децении Арената ја користеше како домашен стадион само во настапите во Европа, а еве дојде денот да биде домаќин и во меч од ПМФЛ.
Познато е зошто е тоа така, стадионот во Тетово е во изградба, па затоа тимот оваа сезона ќе се сели од стадион до стадион низ Македонија.
Инаку тимот на стратегот Артим Положани го чека тешка задача и тоа поради квалитетот на противникот, а повеќе поради тоа дека Шкендија ќе мора без својот Гони, кој беше еден од клучните лица во стручниот штаб на Положани.
Сепак животот мора да продолжи, а Шкендија мора како колектив да изнајде сила да се врати, барем за момент, со мислите само на фудбалот. Секако дека тоа ќе биде тешко, но што да се прави?















