Пелистер по поразот од Алкалоид во домашниот шампионат успеа брзо да се консолидира и да стигне до голема победа во Европската лига, со која ги задржа надежите за пласман во главната рунда.
Македонскиот тим на домашен терен славеше против лидерот Гдањск со 34-27. Останува да видиме вечерва, покрај победа на гостински терен кај Ла Риоха, каков исход ќе му одговара на Пелистер за да обезбеди место во следната фаза.
Македонскиот репрезентативен пикер, Жарко Пешевски, не го криеше задоволството од прикажаната игра, а воедно потсети и на тежината на „зелено-белиот“ дрес.
„Честитки за отпорот што го даде ривалот, максимално сериозно го сфативме овој противник. По поразот од Алкалоид моравме да се консолидираме. Знаевме дека против нас имаме физички подготвена екипа која трча, која се враќаше од негатива и против нас и против Ла Риоха, па максимално одговоривме на секој предизвик. Видовме добро издание, сега ни преостанува да се средиме. Имаме многу важен меч во сабота, а потоа и финалниот за нас во Европската лига во Логроњо.
Овој дрес на Пелистер тежи. Секој што има освоено титула или Куп-трофеј знае што носи овој дрес. Два промашени напади се бројат тродупло како грешки. Ни следи интересна сезона, ни треба максимална поддршка и се надевам дека ќе ги израдуваме навивачите“, рече репрезентативниот кружен напаѓач.
За Пелистер не запираат големите предизвици. Следен е дуелот со ГРК Охрид во домашниот шампионат.










