Реал Мадрид со убедливи 5-1 го совлада ПСВ и ја запиша петтата победа во исто толку натпревари во Лигата на шампионите.
Општиот впечаток е дека еден потег на Жозе Мурињо беше клучен за целосниот пресврт на натпреварот – влегувањето во игра на Џуд Белингам. Токму тој беше движечката сила на кралскиот клуб и одигра еден од најдобрите натпревари откако пристигна во Мадрид.
Секако, новинарите по натпреварот ги интересираше што им кажал Мурињо на своите избраници за време на паузата.
„Го гледав првото полувреме, беше возбудливо. Заедно со аналитичарите се обидов да издвојам три или четири детали за да им покажеме на играчите што прават погрешно. Тоа беше разговор со малку зборови, бидејќи сликите зборуваат повеќе од илјада зборови. Погледнавме три различни видеоисечоци, еден од дефанзивната и два од офанзивната игра. Сè беше лесно да се разбере.
Потоа, овој играч со број пет донесе поинаква динамика во екипата. Променивме некои работи. Силва и Арда почнаа да ја преземаат играта во свои раце. Тоа се играчи кои знаат да играат фудбал, а не се дефанзивци по позиција. На тој начин ѝ дадовме поинаква динамика на играта. Дефанзивците се чувствуваа многу посигурно, а ПСВ, кој нè надигра во првото полувреме, изгледаше немоќно. Имавме целосна контрола. Кога напаѓачите ќе се разбудат и ќе почнат да уживаат во играта, може да се случи токму тоа што се случи“, изјави Мурињо на прес-конференцијата.
Португалскиот стратег зборуваше и за Белингам. На прашањето на новинарите дали има чувство дека токму тој е лидерот на оваа екипа, Мурињо истакна:
„Да, тој е природен лидер. Има неверојатно високи критериуми за себе. Тоа се гледа секој ден, во начинот на кој тренира. Не ги крие фрустрациите кога работите не одат добро, но се бори против тоа со напорна работа. И со овој стил на лидерство успева повторно да ја покрене екипата. Откако влезе во игра, почнавме да правиме сè на сосема поинаков начин“, рече Мурињо.
„Одигра спектакуларен натпревар, ја промени играта и постигна неверојатен гол. Мислев дека можам да го добијам овој натпревар и без него. Очигледно, погрешив. На некој начин се обидов да го заштитам, но знаев дека денес е клучно да го имам на клупата“, додаде Жозе Мурињо.










