НБА направи уште еден сериозен чекор кон трансформација на европската кошарка. Американската лига најави инвестициона иницијатива вредна најмалку 10 милијарди евра, наменета за изградба на нови и модернизација на постојните кошаркарски сали низ Европа, како и за развој на дополнителна инфраструктура околу нив.
Во проектот се вклучени некои од најголемите светски инвестициски компании, меѓу кои Apollo Sports Capital, Ares Management, Arctos, Blackstone, HPS Investment Partners, J.P. Morgan, Sixth Street и Stonepeak. Нивната улога ќе биде да обезбедат капитал и да соработуваат со клубовите, сопственичките групи и локалните партнери во реализацијата на инфраструктурните проекти.
Планот не се однесува само на изградба на спортски објекти. Во зависност од потребите на градовите, околу арените би можеле да се развиваат станбени и деловни простори, ресторани, продавници и јавни површини. Идејата е салите да функционираат во текот на целата година, како центри за спортски, културни и забавни настани, а не само за време на натпреварите.
„Додека се подготвуваме за започнување на новата лига во Европа заедно со ФИБА, гледаме значајна можност да им помогнеме на клубовите да развијат објекти кои ќе ги надградат традициите на европската кошарка, но истовремено ќе го подигнат искуството на навивачите и ќе привлечат многу повеќе настани“, изјави комесарот на НБА, Адам Силвер.
Новата професионална лига, која НБА ја подготвува во партнерство со ФИБА, треба да започне во 2027 година. Според досегашните планови, се разгледува формат со 16 екипи, а како потенцијални центри се споменуваат Лондон, Манчестер, Париз, Лион, Мадрид, Барселона, Рим, Милано, Минхен, Берлин, Атина и Истанбул. Засега нема официјално потврдени градови и учесници.
Според студијата на консултантската куќа The Sports Consultancy, на која се повикува НБА, новото натпреварување во првите десет години би можело да придонесе со повеќе од 24 милијарди евра во европската економија, да поддржи речиси 15.000 работни места годишно и да привлече близу 70 милиони гледачи.
Со оваа иницијатива станува јасно дека амбициите на НБА и ФИБА не се ограничени само на создавање ново натпреварување, туку опфаќаат и сериозна промена на инфраструктурата и економскиот модел на европската кошарка. Отворено останува и прашањето како новата лига ќе се позиционира во однос на постојната Евролигa.










