Срамен пораз на македонските кошаркари од Кипар (ФОТО)

2

Македонската кошаркарска репрезентација е поразена на домашен терен од Кипар со 75-85 во натпревар од втората претквалификациска фаза за Европското првенство 2029 година. Ова е голем удар бидејќи гостите беа голем аутсајдер, но нашите кошаркари влегоа опуштено на оваа средба. Со овој резултат, Македонија е далеку од остварување на поставената цел.

Димитријевиќ постигн 30 поени, додека Ѓуроски 11 поени.

Кипар уште на стартот покажа зошто не треба да биде потценет. Гостите отворија со 3-9, а покрај тоа лесно доаѓаа и до офанзивни скокови. Противникот имаше предност и од 6-11, но потоа успеавме барем малку да ја консолидираме одбраната. На крилата на Ненад Димитријевиќ, со серија од шест поени, го презедовме водството и поведовме со 21-17.

Сепак, по 23-21, резултат со кој заврши првата четвртина, повторно следуваше бледо издание на нашата селекција. Кипар беше поборбен, продолжи да ги користи офанзивните скокови и повторно ја презеде контролата врз резултатот, поведувајќи со 27-32, а потоа и со 30-36. На одморот резултатот беше 43-43.

Ниту во третата четвртина не ја видовме вистинската Македонија, имавме две шанси да поведеме со плус пет, но не искористивме чисти зицери, а противникот тоа знаеше да го искористи. Одбраната и натаму не беше на ниво на задачата, па токму затоа во последните десет минути Македонија имаше само минимални 55-54.

Кипар во првите две и пол минути отвори со 9-1 и дојде на плус седум (56-63). Македонија сепак заигра многу подобро, со две тројки Стојан Ѓуроски и една Ненад на Димитријевиќ изедначи на 65-65 во 34. минута. Гостите не се откажаа, вратија на сличен начин, на три и пол минути до крајот поведоа со 65-72. Берокал конечно повика тајм-аут.

Димитријевиќ со тројка ја врати надежта (68-72), на ист начин одговори и гостинскиот тим (68-75). Нено беше нашиот лидер, не се откажуваше, се обидуваше да не врати во игра. Но, при 71-77, на минута и пол до крајот, Мекиќ во наш напад заработи техничка грешка, па гостите зголемија на 71-78. Димитријевиќ врати за 74-78, Кипарците благодарение на офанзивните скокови останаа во живот и на крајот заслужено победија.

До крајот на овој дел од претквалификациите остануваат уште два натпревари, против Австрија на домашен терен и на гости кај Кипар.

ПретходноПолицијата се судри со навивачите: Мечот Бешикташ – Хапоел во прекин (ВИДЕО)