Сериијата од осум победи македонската кошаркарска репрезентација, за жал, ја прекина на домашен терен против Кипар. Избраниците на Хозе Марија Берокал беа изненадени од аутсајдерот во нашата група, кој славеше со убедливи 75-85.
Шансите за пласман во квалификациите за Европското првенство 2029 година не се загубени, но останува горчината по вчерашното издание. Еден загубен натпревар не значи и загубена битка, а овој пораз треба да послужи како лекција дека битките се решаваат на теренот, а она што е на хартија не значи ништо.
Во нашиот табор се свесни дека за победа е потребно многу повеќе. Веруваат дека на следните два натпревари, против Австрија на домашен терен и Кипар на гости, ќе успеат да ја остварат поставената цел.
„Честитки за Кипар за победата. Се покажа дека повеќе го сакаа резултатот од нас. Влегоа поенергично и во нападот и во одбраната, не натскокаа на наш терен. Ништо не е загубено, но мора сите да се погледнеме во огледало, секој сам за себе, и во следните два меча да покажеме повеќе енергија и доминантна игра за да стигнеме до посакуваната цел.
Секако дека имаме квалитет да победиме со десет поени разлика, иако е многу. Не е недостижен резултат. Знаеме дека имаме квалитет, искрено мислам дека сме доста поквалитетни од Кипар. Но, тоа мора да го покажеме на терен. Пристапот ќе биде клучен на следните дуели за позитивен резултат“, порача Адем Мекиќ.










