„Жените не мора да бидат само спортистки, подеднакво можат да бидат и на раководни позиции“

1
Фото: Приватна архива на Ирена Митровска

✍ Сашо Кузмановски

Како жена ја доби улогата на прв човек на Федерацијата за дигање тегови, а истовремено ја извршува и функцијата секретар во Кикбокс федерацијата на Македонија. За својот несебичен ангажман во спортот, работата на раководни позиции и придонесот во развојот на спортот, годинава го доби и престижното признание „13 Ноември“, кое го доделува Сојузот на спортови на Скопје.

Ирена Митровска е пример дека жените не мора да бидат само успешни спортистки, туку и по завршувањето на спортската кариера можат подеднакво успешно да ги извршуваат највисоките раководни функции во спортот.

📍Како започна Вашата приказна во спортот и што беше пресудно спортот да стане толку важен дел од Вашиот живот?

„Мојата приказна со спортот започна уште на шестгодишна возраст, кога почнав да тренирам пливање во ПК „Младост“, под водство на тренерот Миле Сирма. Потоа следуваше периодот кога играв пинг-понг во спортската сала „Автокоманда“, под надзор на тренерот Кире, а на 12-годишна возраст се зачленив во РК „Скопје“, каде што активно тренирав ракомет до 1995 година. Во тој период имав можност да учам и да се надградувам под тренерското водство на Цимаја, Куно, Зико и, на крајот, Гино Стрезовски.

Со запишувањето на факултетот заврши мојот полупрофесионален спортски ангажман, но спортот никогаш не исчезна од моето секојдневие. Продолжив рекреативно да се занимавам со фитнес, а во 2008 година, заедно со мојот сопруг, го отворивме Спортскиот центар „МАГНУС“ во Скопје.

Од 2017 година сум технички секретар на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, а од 2024 година ја извршувам и функцијата претседателка на Македонската федерација за дигање тегови.

Кога ќе погледнам наназад, можам да кажам дека спортот е константа во мојот живот. Само се менувале моите улоги – од спортистка, преку рекреативка и спортски работник, до сопственичка и раководителка на спортски организации. Она што никогаш не се променило е љубовта кон спортот и желбата да бидам дел од неговиот развој“. 

📍Дали уште на почетокот се гледавте себеси во спортската организација и раководењето или тоа се случи спонтано?

„Искрено, не. Од најрана возраст спортував и секогаш се гледав себеси пред сè како спортистка, а не како личност која е задолжена за организирање и раководење со спортот. Никогаш не сум имала однапред зацртан план дека еден ден ќе бидам дел од раководните структури на спортски федерации.

Тоа се случи природно, низ годините, преку моето активно присуство во спортот, стекнатото искуство и желбата да придонесам за неговото функционирање и развој. Со текот на времето сфатив дека спортот не е само тренинг и натпреварување, туку и многу работа зад сцената – организација, администрација, планирање, комуникација и преземање одговорност.

Еве, речиси 18 години сум активно вклучена во спортската организација и раководење, и тоа во повеќе спортски сегменти. Можам да кажам дека оваа професионална насока се разви спонтано, но со текот на годините стана нешто во што целосно се пронајдов“.

📍Денес сте претседателка на Федерацијата за дигање тегови, а истовремено ја извршувате и функцијата секретар во Кикбокс федерацијата на Македонија. Колку е предизвикувачки да се биде на толку одговорни позиции, особено во спортови кои традиционално се сметаат за машки?

„Да, речиси десет години сум задолжена за административниот дел на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, а од 2024 година ја раководам Македонската федерација за дигање тегови. Секако дека станува збор за одговорни функции кои бараат посветеност, организираност, трпение и многу време. Секој спорт има свои специфики, потреби и предизвици, па затоа е важно внимателно и професионално да се пристапи кон секоја обврска.

Иако двата спорта традиционално се сметаат за машки, јас лично воопшто не ги доживувам на тој начин. Спортот нема пол, туку бара знаење, посветеност, дисциплина и одговорност. Најважно е да ја познавате работата што ја вршите и да имате јасна визија за тоа што сакате да постигнете.

Можам да кажам дека сум дел од две добро организирани спортски федерации, во кои имам одлична соработка, поддршка и меѓусебна почит. За мене најважно е резултатите и функционирањето на организациите да бидат мерило за сработеното, а не тоа дали на одредена позиција се наоѓа маж или жена“. 

📍Дали некогаш сте почувствувале дека како жена треба да вложите дополнителен напор за да го докажете својот авторитет и компетентност во спортската средина? Имаше ли предрасуди или стереотипи на почетокот на вашите професионални ангажмани на овие раководни места?

„Не, напротив. На двете позиции сум одлично прифатена и работам со огромна поддршка и респект од сите членови, соработници и луѓе вклучени во функционирањето на федерациите. За среќа, во моето досегашно искуство не сум се соочила со сериозни предрасуди или ситуации во кои сум морала дополнително да се докажувам само затоа што сум жена. Сметам дека најважни се професионалноста, одговорноста и начинот на кој ја извршувате работата.

Секако, авторитетот не се добива со самата функција, туку се гради со текот на времето, преку одлуките што ги носите, односот кон луѓето и резултатите што ги постигнувате. Јас секогаш сум се трудела да бидам коректна, посветена и доследна во работата, а верувам дека токму тоа е основата на довербата што ја имам.

Инаку, во хороскоп сум Лав, па можеби и тоа има некаква улога во мојот карактер. Понекогаш знам и лавовски да се борам за да ги завршам, постигнам и доведам во ред сите обврски и задачи што сум ги презела. Не сакам работите да останат недовршени и секогаш се трудам да го дадам максимумот од себе. Сметам дека тоа делумно доаѓа и од спортскиот дух што го носам во себе. За еден спортист адреналинот, предизвиците и борбата за постигнување на целта се нешто сосема природно. Така функционирам и во професионалниот живот – кога ќе си поставам цел, сакам да ја остварам, без разлика на пречките што ќе се појават на патот. Секако, секогаш со почит кон луѓето со кои соработувам, бидејќи верувам дека најдобрите резултати се постигнуваат тимски“. 

📍Кога зборуваме за жените на раководни позиции во спортот, сè уште имаме впечаток дека нивниот број е помал во споредба со мажите. Зошто е тоа така? Дали проблемот е во традиционалниот менталитет, недостигот од можности или можеби во недоволната поддршка за жените кои сакаат да преземат одговорност?

„Сметам дека причините се комбинација од повеќе фактори. Традиционалниот менталитет и сè уште присутните стереотипи имаат одредено влијание, бидејќи спортот долго време се сметал за област во која доминираат мажите, особено кога станува збор за раководните функции.

Но, не би рекла дека проблемот е само во недостигот од можности. Понекогаш станува збор и за недоволна поддршка, недостиг од охрабрување, но и за големите обврски што ги носат раководните позиции, особено кога жените истовремено имаат и други професионални и семејни обврски.

Сепак, верувам дека состојбите постепено се менуваат. Жените имаат знаење, способности и капацитет да раководат со спортски организации исто толку успешно како и мажите. Потребно е само да им се даде можност и простор да го покажат тоа.

Мојот став е дека функциите треба да се доделуваат според компетентноста, посветеноста и визијата на поединецот, а не според полот. Би сакала да гледам сè повеќе жени во управните одбори, федерациите и спортските институции, затоа што различните перспективи и искуства можат само да придонесат за подобро функционирање на спортот“. 

📍Оваа година го добивте признанието „13 Ноември“ на Сојузот на спортови на Град Скопје. Колку Ви значи оваа награда, особено ако се земе предвид дека таа претставува признание за Вашиот долгогодишен ангажман и придонес во спортот?

„Признанието „13 Ноември“ за мене претставува голема чест, задоволство и потврда дека долгогодишната посветеност, вложениот труд и придонесот во спортот се препознаени и вреднувани. Она што ова признание го прави уште позначајно за мене е фактот што за него не аплицирате, ниту самите се кандидирате. Сојузот на спортови на Скопје веќе 76 години континуирано ги следи спортските активности, постигнатите резултати, успесите и придонесот на спортските работници и спортистите, а традиционално ги доделува овие признанија на оние за кои смета дека ги заслужиле. Токму затоа оваа награда има посебна тежина – таа доаѓа како резултат на долгогодишно следење, препознавање и вреднување на сработеното, а не како резултат на лична кандидатура.

Ваквите признанија имаат посебна вредност затоа што зад нив стојат многу години работа, одговорност, предизвици, откажувања и моменти во кои резултатите не се секогаш видливи за пошироката јавност. Спортската организација подразбира огромен ангажман кој често се одвива зад сцената, без голема медиумска видливост, но е неопходен за спортистите да имаат услови да тренираат, да се натпреваруваат и да постигнуваат врвни резултати.

Особено ми значи што ова признание доаѓа од спортската заедница на градот во кој живеам и работам и со кој сум поврзана уште од детството. Тоа за мене е и лична сатисфакција, но и дополнителна потврда дека патот што сум го избрала и годините посветени на спортот имаат своја вредност.

Оваа награда ја доживувам и како признание за сите луѓе со кои сум соработувала низ годините – колегите, тренерите, спортистите и спортските работници. Никој не може да постигне нешто сам, а секој успех е резултат на заедничка работа, доверба и посветеност. Затоа признанието „13 Ноември“ ми претставува дополнителна мотивација да продолжам со истата енергија, ентузијазам и одговорност во придонесот кон македонскиот спорт“. 

📍Еден од големите предизвици оваа година беше организацијата на Европското сениорско првенство во кик бокс во Скопје. Колкав организациски предизвик беше еден ваков настан, што беше најтешко да се реализира и колку сте задоволни од тоа како Македонија се претстави како домаќин на европскиот спортски собир?

„Организацијата на Европското сениорско првенство во кик бокс во Скопје беше навистина голем предизвик, но истовремено и огромна чест и одговорност. Да се биде домаќин на еден ваков меѓународен спортски настан значи да се преземат обврски на многу високо организациско ниво и да се води сметка за огромен број детали.

Зад еден ваков настан стои сериозна подготовка – координација со меѓународните спортски институции, комуникација со националните федерации, подготовка на спортската инфраструктура, сместување, транспорт, акредитации, судии, волонтери и сите останати логистички активности. Секој сегмент е подеднакво важен, бидејќи целта е сите учесници да добијат професионални услови за настап, а натпреварувањето да се одвива на највисоко ниво.

Најголемиот предизвик беше да се усогласат сите организациски обврски и да се обезбеди сè да функционира беспрекорно, особено имајќи предвид дека станува збор за настан со голем број учесници од различни европски држави.

Она што особено ме прави горда и исполнета се пораките, честитките и зборовите на благодарност и пофалби што ги добиваме од учесниците, претставниците на федерациите и гостите за организацијата на првенството. Искрено, морници од задоволство ме лазат секогаш кога ќе прочитам некоја од тие пораки, бидејќи зад нив стои потврда дека сме успеале да направиме нешто навистина квалитетно. Првенството се реализираше без ниту едно задоцнување, без технички проблеми и без организациски грешки што би го нарушиле текот на натпреварувањето. Сепак, само ние, организаторите, знаеме низ колку предизвици, непредвидени ситуации и проблеми моравме да поминеме за сè на крајот да изгледа толку лесно и беспрекорно. Зад секоја успешна организација стојат многу работа, нервози, брзи реакции, решавање проблеми и огромна одговорност, кои публиката и учесниците најчесто воопшто не ги гледаат.

Сметам дека Македонија покажа дека има капацитет да организира големи меѓународни спортски натпреварувања и да биде одличен домаќин. Особено сум горда на целиот тим што беше вклучен во реализацијата, бидејќи ваквите настани се резултат на заедничка работа, добра координација, меѓусебна доверба и огромна посветеност.

За мене ова е и важна порака дека македонскиот спорт треба почесто да добива можност да биде организатор на европски и светски натпреварувања, бидејќи тоа носи придобивки не само за спортот, туку и за промоцијата на нашата држава. На крајот, најголемата сатисфакција е кога ќе видите дека сите напори се исплателе и дека Македонија ја испратила вистинската слика за своите организациски капацитети и гостопримство“. 

📍Дали сметате дека македонскиот спорт им дава доволно простор и можности на жените да напредуваат не само како спортистки, туку и како тренери, судии, спортски работнички и функционерки? Каде гледате најголем простор за подобрување?

„Сметам дека има напредок, но сè уште постои значителен простор за подобрување. Жените денес се присутни во различни спортски улоги, но нивната застапеност не е секогаш подеднаква, особено кога станува збор за тренерските и раководните позиции.

Мислам дека е важно да се разбере дека жените не треба да бидат присутни во спортот само како натпреварувачки. Тие имаат капацитет да бидат успешни тренери, судии, спортски работници, менаџери и претседателки на федерации.

Најголем простор за подобрување гледам во создавањето еднакви можности за едукација, професионално усовршување и напредување. Потребно е повеќе да се инвестира во обуки, лиценцирање, менторство и вклучување на жените во процесите на одлучување.

Исто така, сметам дека спортските организации треба активно да ги охрабруваат младите девојки и жени да се вклучуваат во различните сегменти на спортот. Не треба да чекаме жените сами да се наметнат, туку треба да создадеме средина во која нивниот потенцијал ќе биде препознаен и поддржан“. 

📍Често се зборува за родовата еднаквост во спортот, но таа не значи само еднакви можности за настап и натпреварување, туку и еднаков пристап до ресурси, финансии, медиумско внимание и раководни функции. Колку сме далеку од вистинска родова еднаквост во македонскиот спорт?

„Мислам дека сме на добар пат, но не можеме да кажеме дека сме стигнале до вистинска родова еднаквост. Еднаквоста не треба да постои само на хартија, туку треба да биде видлива во секојдневното функционирање на спортските организации и институции.

Не е доволно жените да имаат право да се натпреваруваат. Потребно е да имаат и еднаков пристап до финансиски средства, квалитетни тренажни услови, професионална поддршка, спонзорства, медиумска промоција и можности за напредување.

Особено мислам дека медиумското внимание има голема улога. Кога повеќе ќе се зборува за успесите на спортистките, за нивните резултати и за нивниот придонес, ќе се создаде и поголема видливост, интерес и поддршка за женскиот спорт.

Од друга страна, не треба да заборавиме дека родовата еднаквост се однесува и на жените кои работат во спортот, а не само на оние кои се натпреваруваат. Нивното знаење, искуство и придонес треба подеднакво да бидат вреднувани.

Верувам дека промените започнуваат од секоја спортска организација поединечно. Ако сакаме вистинска еднаквост, треба да ја применуваме преку конкретни одлуки, еднаков третман и реални можности, а не само преку декларативни заложби“. 

📍За крај, каква порака би им испратиле на младите девојки и жени кои имаат амбиција да се вклучат во спортот, да преземат раководни функции и да бидат дел од процесите на одлучување? Што би им порачале од сопственото искуство?

„Мојата порака до сите млади девојки и жени е да веруваат во себе, во своите способности и во она што сакаат да го постигнат. Да не дозволат стереотипите, предрасудите или туѓите очекувања да им бидат пречка во остварувањето на нивните амбиции.

Од сопственото искуство можам да кажам дека ништо не доаѓа преку ноќ. Потребни се многу работа, трпение, посветеност, постојано учење и подготвеност да се преземе одговорност. Не треба да се плашат од предизвиците, ниту од функциите што на прв поглед изгледаат како да се резервирани за некој друг.

Особено би ги охрабрила да не се ограничуваат само на улогата на спортистки, доколку имаат желба и потенцијал да бидат дел од организацијата и раководењето со спортот. На спортот му се потребни способни, одговорни и посветени луѓе, без разлика дали се мажи или жени.

И најважно, не чекајте некој да ви даде дозвола да бидете дел од процесите на одлучување. Бидете подготвени, едуцирајте се, преземајте иницијатива и покажете што можете.

Јас сум доказ дека животниот пат во спортот може да има различни насоки и дека љубовта кон спортот може да ве одведе од спортските терени до раководните позиции. На крајот, не е најважно на која позиција се наоѓате, туку колку искрено и посветено придонесувате за спортот и за генерациите што доаѓаат по вас“. 


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноПрв тест во Анкара: Македонија игра против Финска!